НАТО не гледа непосредна воена закана од Русија кон ниту една членка на Алијансата, но ќе продолжи со операцијата за одвраќање преку претстојната воена вежба „Steadfest Defender“, најголемата во изминатите неколку децении – изјави денеска генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг.
Тој додаде дека НАТО го прави сето ова за да отстрани простор за погрешно проценување или недоразбирање во Москва за подготвеноста на НАТО да ја заштити секоја педа од својата територија.
– Сè додека го правиме ова, нема да има напади на територијата на НАТО – истакна Столтенберг.
Околу 90.000 војници ќе учествуваат на претстојната вежба „Steadfest Defender 2024“, која почнува во февруари и ќе трае до мај.
Столтенберг посочи и дека НАТО потпишал договор вреден 1,1 милијарда евра за набавка на артилериска муниција калибар 155 милиметри, со што дел од тие гранати ќе и бидат доставени на Украина, по изјавите од Киев дека недостигот на муниција ги попречува воените напори против Русија.
– Војната во Украина стана битка за муниција – наведе Столтенберг, додавајќи дека најголемиот дел од купената муниција ќе се користи за надополнување на резервите на поединечни членки на Алијансата.