Дон Бенкрофт, 59-годишната сопственичка на вежбалница отпатува во главниот град на САД пред една година за да го слушне говорот на Доналд Трамп. Но сепак, како што одеше кон Конгресот, со инструкциите на поранешниот претседател, се чини дека таа го загуби моралниот компас, пишува „Економист“ по повод првата годишнина од упадот во американскиот Конгрес кој се случи на 6 јануари минатата година.
Пробивајќи се низ толпата надвор од зградата на Конгесот, таа и нејзината пријателка Дијана дојдоа до скршен прозорец и влегоа преку него.
– Влеговме внатре и ја исполнивме нашата улога – им кажа Банкрофт подоцна на нејзините деца преку видеопорака.
Откако таа во септември се изјасни за виновна за учество во нередите, судијата се прашуваше како „добрите луѓе кои никогаш немале законски проблеми се претворија во терористи“.
Судските документи сугерираат дека ваквата забелешка важи за повеќето од 700-те луѓе кои досега се обвинети за упадот, вклучувајќи ги и 225-те лица обвинети за напад или за попречување на полицијата. Малкумина од нив претходно беа осудувани или имаа поврзаност со десничарските групации. Повеќето од нив беа белци кои носеа обележја на Трамп – сопственици на мали бизниси, наставници, агенти за недвижности и пензионери.
– Но постои објаснување за ваквата појава. Ако верувавте дека американските претседателски избори беа украдени, како и десетиците милиони гласачи на Републиканската партија го сметаа тоа уште пред да излезат резултатите, зошто тогаш би прибегнале кон очајничките чекори кои ги бараше Трамп? Банкрофт и преостанатите мислеа дека ја исполнуваат нивната патриотска должност – пишува британскиот магазин, додавајќи дека повеќето од учесниците во немирите не го ни сокривале идентитетот.
Одбележувањето на годишнината од упадот нема изгледи за придонес кон национално единство. Американците во голема мера не се согласуваат со причините за одбележувањето на тогашните случувања.
– Упадот беше миг што го смени Конгресот. Постои отсуство на доверба и отсуство на почит – кажа претставничката на Демократската партија Чери Бустос од американската сојузна држава Илиноис.
Америка уште се справува со последиците по една година од упадот, додека стотици се соочуваат со обвиненија, меѓу кои се и припадници на полицијата, а обезбедувањето на Конгресот денес е засилено, заклучува „Економист“.