Европската комисија има цел да го зголеми користењето на обновливите извори на енергија во греењето и ладењето како начин за постепено отфрлање на употребата на рускиот гас, иако извори од индустријата велат дека има уште многу нешта да се направат за да се обезбеди рамноправна игра со доминантните грејни технологии на фосилни горива, пишува Ана Гумбау за „Еурактив“
Европски план за напуштање на употребата на руски гас
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, предупреди дека Европа мора да се подготви за „најлошото сценарио“ во врска со снабдувањето со руски гас. Русија ја прекина испораката на гас за неколку земји од ЕУ поради нивното одбивање да ја платат испораката во рубли, барање за кое европските земји велат дека е поврзано со обидите на Кремљ да го ублажи влијанието на западните санкции врз Русија поради нејзината инвазија на Украина. Русија, исто така, ја прекина испораката на гас за Германија преку гасоводот „Северен тек 1“ поради проблеми со одржувањето, за кои Германија рече дека се предизвикани од Русија како одмазда за западните санкции.
Зголемената загриженост поради намалувањата на Русија во испораките на гас ја принуди Унијата минатата недела да се согласи за итен план за намалување на потрошувачката на гас и задоволување на потребите за зимско снабдување.
– Бидејќи Русија веќе целосно или делумно го прекина снабдувањето со гас за 12 земји-членки, сите ние мора да се подготвиме за најлошото – изјави Фон дер Лејен за шпанскиот весник „Ел мундо“.
Во својот план од 300 милијарди евра за напуштање на употребата на рускиот гас, наречен „Рипауер ЕУ“, Европската комисија се обидува да го поттикне користењето на обновливите извори на енергија во греењето и ладењето, со планови за забрзување на распоредувањето на големи топлински пумпи, геотермална и сончева топлинска енергија. Ана Гумбау пишува за „Еурактив“ дека според висок европски функционер на ЕУ, овој потег е дел од поширокиот притисок на Европската Унија (ЕУ) за зголемување на уделот на обновливата енергија.
Греењето досега во голема мера беше занемарено во европското законодавство за обновливи извори на енергија. Но тоа сега се менува поради конфликтот во Украина, кој ги принуди Европејците да размислуваат за алтернативи за рускиот гас. Во својот план „Рипауер ЕУ“, Комисијата предлага да се зголеми целта на ЕУ за обновлива енергија на 45 отсто од енергетскиот микс во Европа до 2030 година и да се зголеми барем „тројно“ соларниот термички капацитет. Покрај иницијативата, извршната власт на ЕУ во мај ја претстави европската стратегија за соларни покриви, која воведува обврска за јавните и комерцијалните згради да постават соларни панели од 2026 година, а станбените згради од 2029 година. За возврат, прегледот на енергетските перформанси на Директивата за згради (ЕПБД), објавена во декември, има цел обновливите извори на енергија да помагаат да се покријат потребите за греење и ладење и притоа да нема штетни емисии. Комисијата, исто така, сака постепено да ги укине котлите на фосилни горива до 2029 година.
Бидејќи греењето сочинува речиси 40 отсто од вкупната потрошувачка на гас во ЕУ, алтернативите за обновливи извори на енергија добија на цена откако започна конфликтот во Украина. Сепак, претставниците на индустријата за соларно греење велат дека тоа не е доволно за да се создаде еднаков терен за игра против фосилните горива, како гасот, или други алтернативи, како електрификацијата и водородот.
Сончевата топлинска енергија моментално снабдува околу 10 милиони домаќинства низ Европа. Нејзиниот вкупен капацитет може да се зголеми дури на 500 гигавати до 2035 година и 2.000 гигавати до 2050 година. Сепак, соларните и другите обновливи извори за греење и ладење сè уште немаат рамноправни услови за игра со котлите на фосилни горива, кои продолжуваат да имаат корист од јавните субвенции. Санџив Кумар од Европскиот совет за геотермална енергија смета дека Европа треба да премине од внатрешен пазар за гас на внатрешен пазар за топлинска енергија, така што на обновливите извори на греење ќе им се даде ист приоритет како на електричната енергија. Меѓутоа, тој смета дека недостигот од политичка видливост е една од клучните работи што ги кочат инвестициите во обновливите извори на греење и ладење. Слично на тоа, претставниците на индустријата за централно греење сметаат дека Европската комисија ставила посилен акцент на индивидуалните системи за обновливи извори на греење наместо на колективните решенија.