За актуелните настани во Нигер, Африка
Нигер долго време беше претставуван во западните медиуми како „последен бастион на стабилноста“ (во регионот Сахел) во Африка. Но откако припадниците на претседателската гарда во Нигер деновиве го уапсија шефот на државата Мохамед Базум, воен портпарол на државната телевизија прогласи дека претседателот Базум е сменет, а институциите на републиката се распуштени. Министерот за надворешни работи на Нигер, Хасуми Масуду, за јавноста изјави дека станува збор само за „обид за државен удар и дека армијата не стои зад тоа како целина“.
Во меѓувреме, како што се одвиваа настаните, сепак, воената команда на армијата ги поддржа пучистите.
Зошто постоело незадоволство кон претседателот на Нигер?
За време на изборите во 2021 година, Базум беше поддржан од неговиот претходник Махамаду Исуфу, кому не му беше дозволено повторно да се кандидира по два мандата. Новинарот и аналитичар Муса Аксар за „Дојче веле“ изјави дека Базум бил перципиран како „совршена копија“ на неговиот претходник, на големо негодување на многу граѓани на Нигер. Аксар истакна дека владата воопшто не се променила и ветувала дека ќе се бори против корупцијата, но членовите на владејачката партија, кои извршиле криминални дејства, останале недопирливи. Според одредени аналитичари, на социјалните медиуми, особено по она што се случувало во Буркина Фасо или во Мали, и во општеството на Нигер се засилило антифранцуското чувство, имено чувството дека Западот сѐ’ повеќе ги експлоатира ресурсите на Африка, а таквото чувство се ширело сѐ повеќе.
Западно ориентираниот шеф на државата Мохамед Базум и „базата на
Западот“ – Нигер
Базум важеше за сигурен партнер на Западот, под кој Нигер требаше да игра уште поважна улога. Кога меѓународната воена операција во Мали требаше да заврши за пет месеци, Нигер, според плановите и толкувањето на западните сили, ќе останеше „единствената база за западните трупи што треба да спречат целосен колапс на стабилноста во Сахел“.
По државниот удар, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и министерката за развој Свења Шулце ја потврдија својата поддршка за Базум. Франција минатата година ги пресели своите последни војници од Мали во Нигер. Германската војска допрва треба да го направи тој чекор, а за тоа претходно беше планиран токму Нигер. Германската војска и нејзините партнери обучуваат војници во Нигер од 2018 година, додека во моментов се формира мисија на Европската Унија. Токму пучот за западните сили може да ги загрози овие нивни проекти.
Нигерскиот аналитичар Гимба Каканда очекува меѓународните партнери да го намалат своето присуство во Нигер, покрај воведувањето санкции и намалувањето на развојната помош.
Западот грчевито ќе се бори за своите интереси и позиции во Африка, а што со жителите на Нигер?
Делегација на Економската заедница на Западна Африка (ЕКОВАС) пристигна во Нијамеј во четвртокот вечер за да се обиде да најде начин за излез од кризата, осум дена по државниот удар во Нигер со кој беше соборен претседателот Мохамед Базум. Делегацијата на ЕКОВАС, предводена од поранешниот нигериски претседател Абдулсалами Абубакар, треба „да се сретне со пучистите во Нигер за да им ги претстави барањата на лидерите на ЕКОВАС“, најави нигерискиот претседател Бола Тинубу. Тинубу, кој претседава со ЕКОВАС, побара од Абубакар „да стори сѐ за да се најде мирно решение“ за кризата во Нигер, по санкциите наметнати на земјата и ултиматумот до пучистите за враќање на уставниот поредок.
ЕКОВАС воведе остри санкции кон Нигер и им даде на пучистите рок до недела да го вратат новоизбраниот претседател Мохамед Базум, заканувајќи се дека ќе употреби сила.
Западноафриканската организација, која ги суспендира финансиските трансакции со Нигер, извести дека подготвува воена операција, иако нагласи дека тоа е „последна опција“. Началниците на Генералштабот на ЕКОВАС се состануваат до петок во Абуџа, додека неколку западноафрикански армии, вклучувајќи го и Сенегал, велат дека се подготвени да интервенираат доколку ултиматумот не биде исполнет до недела.
Пучот го осудија западните земји, вклучувајќи ги и САД. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со Базум за ситуацијата во Нигер, соопшти Стејт департментот. Портпаролот Метју Милер во изјава за разговорот рече дека САД „остануваат посветени на обновувањето на демократски избраната влада“ во Нигер.
– Повторуваме дека безбедноста на претседателот Базум и неговото семејство се најважни. САД се посветени на наоѓање мирно решение, кое гарантира дека Нигер ќе остане силен партнер во безбедноста и развојот во регионот – рече Милер.
Американскиот претседател Џо Бајден повика итно да се ослободи нигерискиот претседател Мохамед Базум, кој се наоѓа во воен притвор откако беше изведен пуч минатата недела. Бајден во изјавата рече дека Нигер „се соочува со сериозен предизвик за својата демократија“.
Велика Британија соопшти дека привремено го намалува персоналот на амбасадата во Нијамеј поради безбедносни причини. Претходно САД соопштија дека наредиле „привремено заминување на персоналот на американската влада што не е итен и членовите на семејството што ги исполнуваат условите од американската амбасада во Нијамеј“.
Француското министерство за надворешни работи во средата продолжи да ги евакуира луѓето од Нигер. Оттаму соопштија дека околу 1.000 луѓе го напуштиле Нигер со четири лета. Меѓу евакуираните има и француски државјани, заедно со други од Нигер, Португалија, Белгија, Етиопија, Либан, Германија, Канада, Индија, Австрија и САД. Италија организираше и сопствен лет за евакуација.