Ако САД и Русија не се договорат, ќе следи Трета светска војна, а испраќањето западни тенкови во Украина ќе ја продолжи војната во оваа земја, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пренесе хрватската новинска агенција Хина.
Милановиќ предвидува дека војната во Украина ќе трае додека, како што рече, „Москва и Вашингтон на некое место не го договорат нејзиниот крај, што е страшно тешко и далечно.
„Во тие разговори нема да бидат прашани Загреб, Берлин, Париз, Брисел, а ако тие не се одржат, светот полека ќе се движи кон Третата светска војна“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател ја критикуваше шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, која во Советот на Европа рече дека европските земји треба да бидат обединети и да престанат да се обвинуваат меѓусебно бидејќи Европа војува против Русија, а не една против друга.
Милановиќ вели дека досега „не видел вакво лудило“ и дека не знаел дека Европа војува со Русија се додека министерката Баербок не го кажала тоа јавно.