Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Кремљ не очекува значителен напредок во мировните преговори со Украина што треба да се одржат утре во Турција – соопшти портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков. Русија, како што наведе, останува на своите позиции и нема да отстапи од првично поставените цели.

– Нема основа за надеж во некакво чудо, но ние ќе ги браниме нашите интереси, ќе се заложиме за нивно остварување и ќе продолжиме да ги исполнуваме задачите што си ги поставивме од самиот почеток – изјави Песков пред новинарите.

Тој додаде дека темата на преговорите меѓу Русија и Украина е „доста сложена“ и дека ќе се разговара и за нацрт-меморандумите што двете страни ги разменија при последната рунда разговори – пренесе руската агенција „ТАСС“.

Последната рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина се одржа на почетокот од јуни во Истанбул, но без конкретен резултат. Новата рунда, според најавите, ќе започне в среда, 23 јули, повторно во Турција.