Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на САД не им е потребна помош од Украина во справувањето со иранските беспилотни летала на Блискиот Исток.

Во интервју за „Ен-би-си Њус“, Трамп порача дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „последната личност“ од која Вашингтон би побарал помош.

Тој не потврди ниту демантираше дали американските власти ја прифатиле понудата од Украина за споделување технологија за пресретнување беспилотни летала.

Трамп упати и критики кон Зеленски, оценувајќи дека со него е потешко да се постигне договор отколку со рускиот претседател Владимир Путин во контекст на напорите за завршување на војната во Украина.

Коментарите на американскиот претседател доаѓаат по критиките од светски лидери откако САД делумно ги ублажија санкциите за руската нафта со цел да се намалат растечките глобални цени на енергенсите.

-Изненаден сум што Зеленски не сака да склучи договор. Кажете му на Зеленски да склучи договор, бидејќи Путин е подготвен за договор. Многу е потешко да се преговара со Зеленски – изјави Трамп.

Зборувајќи за одлуката за ублажување на одредени санкции за руската нафта во услови на раст на цените, тој нагласи дека сака стабилно снабдување со енергенси на глобално ниво.

-Сакам светот да има нафта. Сакам да имам нафта – рече Трамп, додавајќи дека санкциите воведени по руската инвазија врз Украина во 2022 година повторно ќе бидат вратени кога кризата ќе заврши.

Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неколку земји од Блискиот Исток побарале од Киев да го сподели искуството во пресретнувањето на иранските беспилотни летала „Шахед“, кои Русија ги користи во нападите врз Украина.

Според Зеленски, Украина веќе испратила експертски тимови во три земји за да помогнат во справувањето со ваквиот тип напади.