Сослушувањето на поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон пред Конгресот на САД, поврзано со случајот на Џефри Епштајн, траеше повеќе од шест часа и заврши без јавни детали од расправата. По седницата зад затворени врати на Надзорниот одбор на Претставничкиот дом, Клинтон изјави дека одговорила на сите поставени прашања во рамки на она што ѝ било познато.
-Одговорив на секое нивно прашање колку што можев поцелосно, врз основа на она што го знаев – рече таа.
Клинтон посочи дека претходно ги изнела сите информации со кои располагала во својата писмена воведна изјава, пренесе ДПА.
-Не знам колку пати морав да повторам: не го познавав Џефри Епштајн – им изјави таа на новинарите во Чапаква, во сојузната држава Њујорк, каде што живее со својот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон.
Таа додаде дека соработничката на Епстин, Гислејн Максвел, ја познавала површно, како познаничка. Најавено е дека и Бил Клинтон ќе сведочи пред истиот одбор. Сопружниците Клинтон, кои се членови на Демократската партија, со месеци одбиваа да се појават пред Конгресот во рамки на истрагата за случајот „Епштајн“, обвинувајќи го републиканскиот претседател на одборот, Џејмс Комер, дека води политички мотивирана постапка. Според американски медиуми, нивната согласност да сведочат на почетокот на февруари довела до откажување на гласањето за покренување постапка за непочитување на Конгресот против Клинтон.
Епштајн со години управувал со мрежа за сексуална злоупотреба, во која жртви биле десетици млади жени и малолетници. Финансиерот од Њујорк имал блиски контакти со влијателни личности во САД. Тој почина во затвор во 2019 година, пред да му биде изречена пресуда.
































