Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека прашањето за обновата на нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во руски напади, има не само техничка, туку и политичка димензија и додаде дека според него не вреди да се поправа цевководот.
– Да бидам искрен, не би го обновил. Тоа е мојот став. Ова им го кажав на лидерите на Европа и на оние што ми се обратија за ова прашање, како и на раководството на Европската Унија. Бидејќи тоа е руска нафта. Постојат некои принципи што немаат цена. Русите нè убиваат, а ние мора да му дадеме нафта на унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи без оваа нафта тој не може да победи на изборите. Затоа, ова е мојот став – нагласи Зеленски на прес-конференција во Киев, пренесе „Суспилне њуз“.
Тој посочи дека Украина не го блокира пристапот до оштетената инфраструктура за претставниците на Европската комисија, но смета дека потврдата од украинска страна за уништувањето е доволна.
Во врска со барањето на Унгарија и Словачка Европската Унија да испрати независни експерти кои би ја утврдиле состојбата на нафтоводот, Зеленски истакна дека Украина е независна држава која дава точни информации за штетата.
– Имаме независна земја, имаме нафтовод, Русија го уништи неколку пати, а имаше и повредени по второто уништување на нашиот нафтовод, а кога сакаа да нè проверат, ние јасно рековме дека имало уништување. Не мислам дека претставниците на ЕУ не ни веруваат. Мислам дека нашиот збор е доволен. Со текот на годините покажавме дека сме вистински партнери – рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина очекува официјално барање од Унгарија и од земјите на ЕУ во врска со пристап до оштетената инфраструктура на нафтоводот „Дружба“ за инспекција. Воедно потсети дека Европската Унија ја поврзува финансиската помош за Украина и доделувањето заем од 90 милијарди евра со обновата на нафтоводот.
Генералниот директор на украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“, Сергеј Коретски, на брифинг изјави дека ќе бидат потребни околу еден и пол месец за да се обезбеди технолошката способност на инфраструктурата на нафтоводот. Паралелно, компанијата подготвува проектна и буџетска документација за пресметка на трошоците за реставрација, како и за можната изградба на алтернативен нафтовод.
Тој посочи дека најголемата штета се случила на 27 јануари во близина на градот Броди, каде што била уништена главната пумпна станица, додавајќи дека реконструкцијата бара сеопфатен пристап.
– Ова е инфраструктура од големи размери: пумпни единици, компресори, кабелски носачи, контролни панели и електроника. На објектот му треба сеопфатна реставрација. Особено, мора да биде опремен резервоар за испуштање што го штити системот од прекумерен притисок, спречувајќи уништување на цевководите и еколошка катастрофа – рече Корецки и потсети дека во процесот на европска интеграција, прашањата поврзани со екологијата се од суштинско значење.
Според него, во европските земји подготовката на ваков проект би траела од три до шест месеци, но во Украина работите веќе се во тек.
– Тука работите се во тек – рече Корецки, додавајќи дека при реставрацијата мора да се спречи можноста од еколошка катастрофа во регионот Лавов и истовремено да се земе предвид заканата од нови руски напади.
По нападот, Државната служба за вонредни ситуации на Украина презела мерки за да спречи излевање на нафта од цевководот и евентуално загадување на реката Штир и околната животна средина.
– Нафтоводот „Дружба“ е еден од најголемите системи за транспорт на руска нафта во Европа и има значително влијание врз снабдувањето на рафинериите во повеќе земји од регионот. Снабдувањето преку јужниот крак на цевководот, кој минува низ украинска територија, беше прекинато на 27 јануари по руски напад што ја оштети инфраструктурата и предизвика пожар на пумпна станица – соопштија властите во Киев.
Оттогаш транспортот на руска нафта кон рафинериите во Унгарија и Словачка е во прекин додека се проценуваат штетите и се подготвуваат поправките – објави „Интерфакс“.
Во меѓувреме, премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан и Роберт Фицо, го обвинија Киев дека намерно го одложува обновувањето на транспортот на нафта преку „Дружба“ од политички причини. Украина, пак, тврди дека поправките се технички сложени и се одвиваат под постојана закана од нови напади.
Спорот дополнително се заостри откако Будимпешта и Братислава, како одговор, прекинаа дел од снабдувањето со енергија за Украина, вклучувајќи дизел и итни испораки на електрична енергија. Унгарија воедно се закани дека ќе ги блокира новите санкции на Европската Унија против Русија сè додека не се обнови транспортот на нафта.
































