Претставници на 32 земји-членки на НАТО утре ќе се состанат во Брисел на барање на Естонија по руското навлегување во воздушниот простор на оваа балтичка земја, објави денеска функционер на Алијансата.
Состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на амбасадори ќе се одржи во рамките на Член 4 од договорот за НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закани против една од нејзините членови.
Три руски борбени авиони во петокот влегоа во естонскиот воздушен простор и останаа таму 12 минути, што предизвика протести од НАТО и Европската Унија поради, како што оценија, новите руски „провокации“, додека Москва негираше какви било повреди на воздушниот простор.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок како одговор на флагрантното кршење на естонскиот воздушен простор од страна на Русија, објави во петокот естонското Министерство за надворешни работи.
Овој упад се случи откако Полска, исто така членка на НАТО, на почетокот на септември објави дека руски беспилотни летала постојано го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина, што Варшава го осуди како „агресија“.