На претстојниот Самит на НАТО што ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули ќе промовираме нови политики поврзани со кибер безбедноста, која од 2016 е означена како нов домен и при секој вид на кибер напад може да се примени Членот 5 од oсновачкиот Договор на Пактот кој предвидува колективна одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА.
Таа потенцира дека членките на НАТО повеќе години разговараат за нивните нивните искуства и политики за одвраќање, спречување или справување со кибер нападите и по проценката на проблемот, сега се работи на создавање алатки за подобро да се опремат сојузниците со своја експертиза, а се разговара и со пријателските земји, како Јапонија и Јужна Кореја, околу нивните национални стратегии за кибер безбедност.
– Кибер безбедноста останува клучна карактеристика на нашата работа во рамките на Алијансата. Внимателно следете го Самитот, мислам дека ќе видите четири-пет нови политики. И секако Северна Македонија ќе има корист од тие политики и ќе придонесе со своја експертиза во рамките на Алијансата, нагласи Смит.
Во однос на поддршката на членките на НАТО за Украина, Смит вели дека САД сметаат оти најголем дел од земјите прават се што можат за да и помогнат на оваа држава.
– Да започнам со тоа што ќе се заблагодарам на Северна Македонија за нејзиниот значителен придонес за украинските сили. Овој придонес е од клучно значење и поздравуваме сè што направи Северна Македонија и продолжува да прави за народот во Украина, потенцира Смит, додавајќи дека членките на Алијансата мора да бидат упорни и да продолжат да изнаоѓаат дополнителни финансиски ресурси или капацитети што може да се испратат во Украина за таа да ја истисне Русија надвор од својата територија.
Во интревјуто Смит говори и за изборот на нов генерален секретар на НАТО, одвојувањата на членките за трошоците за одбраната, за американската посветеност на Алијансата и за идеите за зајакната заедничка европска одбрана.