Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во врска со последните настани на Косово, изјави дека неговата порака до сите заинтересирани страни е да се воздржат од ескалација на реторика и акции и да помогнат во намалувањето на тензиите, јави дописникот на МИА од Белград.
Столтенберг истакна дека НАТО е многу фокусиран на прашањето за Косово, како и за Западен Балкан, и дека силите на Алијансата се уште се присутни таму преку мисијата на КФОР, која брои речиси 4.000 членови и која е „клучен фактор за стабилизирање на регионот и ситуацијата“.
– Нашите сили се подготвени, будни. НАТО и ЕУ тесно соработуваат – рече Столтенберг во интервју за ТВ Франс 24.
Се огласи и мисијата на НАТО на Косово, КФОР, кој укажа дека е важно да се избегнат какви било нови ескалации
– Единствениот начин за мир за Белград и Приштина е да се решат отворените прашања преку дијалог, како и да се најде решение кое ќе ги почитува правата на сите заедници. КФОР останува исклучително буден и е во полн капацитет да го исполни својот мандат на ОН – објавено е на Твитер налогот на Алијансата.
Претходно, КФОР во врска со последните тензии на Косово и барикадите што ги поставија Србите на главните патишта на северот, истакна дека нема да толерираат насилство и дека нивната прва задача е да обезбедат слободно движење на Косово.