Момент на блискост или удар во лицето: видеото од брачната двојка Макрон стана вирално на социјалните мрежи. Гестот на Брижит Макрон кон нејзиниот сопруг, снимен од камерите додека вратата од авионот се отвораше по нивното пристигнување во Виетнам, ги запали социјалните медиуми.
„Карање“, момент на „блискост“ или ненадеен гест? Сликите од Емануел Макрон и Брижит Макрон како пристигнуваат во Виетнам за почетокот на турнејата низ Југоисточна Азија предизвикаа широки коментари на социјалните мрежи.
Снимките снимени во неделата вечерта од американската агенција „Асошиејтед прес“ на аеродромот во Ханој ги покажуваат вратата од авионот на претседателот како се отвора и силуетата на Емануел Макрон, сè уште во авионот. Во тој момент се гледаат двете раце на неговата сопруга, без таа да биде видлива во целост, и таа брзо ги крева двете раце кон лицето на претседателот што би можело да изгледа како мал удар. Шефот на државата изгледа изненадено, но брзо се свртува да поздрави нанадвор. Претседателската двојка тргна по скалите. Емануел Макрон ја подаде раката кон сопругата како и обично, но таа не ја прифати и се држеше за оградата на патеката.
„Момент на блискост“
Сликата брзо се прошири прекуноќ, особено на неколку профили што обично се непријателски настроени кон Емануел Макрон. Елисејската палата првично ја негираше веродостојноста на сликите, пред тие да бидат потврдени. Блиска личност на претседателот потоа зборуваше за тривијална „закачка“ меѓу двајцата.
– Тоа беше момент кога претседателот и неговата сопруга се опуштаа за последен пат пред почетокот на патувањето смеејќи се – конечно прокоментира придружбата на Емануел Макрон пред новинарите по турнејата во понеделникот.
– Тоа е момент на соучество. Ова не беше доволно за да им даде на теоретичарите на заговор нешто за џвакање – додаде истиот извор, припишувајќи ги негативните коментари првенствено на проруските кругови.
„Сите треба да се смират“
Но тоа не беше доволно, лично Емануел Макрон, во невообичаена ситуација за него, мораше, односно беше принуден да се дообјаснува пред новинарите дали станува збор за „карање“, „соучество“ или удар во лицето? Да негира каква било „домашна сцена“ со својата сопруга по објавувањето на видеото што стана вирално, обвинувајќи ги за возврат „Русите“ и „екстремистите“ дека прават сѐ што е можно за да го нападнат. Пристигнувањето на францускиот претседател во Виетнам не помина според планот.
„Тоа е вода во воденицата на теоретичарите на заговор“
Сликата брзо се прошири прекуноќ, особено на неколку профили што обично се непријателски настроени кон Емануел Макрон, со голем број коментари за наводни тензии меѓу двојката. Ова е доволно за да се промаши пораката од Франција, која сака да го направи ова шестдневно отворање на турнејата во Југоисточна Азија важен дипломатски момент. Особено затоа што комуникацијата во Елисејската палата се развива со текот на часовите.
Претседателството првично ја негираше веродостојноста на сликите во понеделникот наутро, наведувајќи ја можната интервенција на вештачката интелигенција, пред тие да бидат потврдени. Близок пријател на претседателот потоа зборуваше за тривијална „закачка“ меѓу двајцата брачни другари.
– Тоа беше момент кога претседателот и неговата сопруга се опуштаа уште еден последен пат пред почетокот на патувањето, смеејќи се – конечно поофицијално искоментира придружбата на Емануел Макрон на новинарите по турата.
– Тоа е момент на соучество. Ова не беше доволно за да им даде на теоретичарите на заговор нешто за џвакање – додаде истиот извор, припишувајќи ги негативните коментари првенствено на проруските кругови. Тврдења што пратеникот на Националниот собир, Жан-Филип Танги, ги опиша како „павловски лаги достојни за банана републики“.
– Соочена со најмал проблем, партијата на Макрон ги обвинува вештачката интелигенција и руските служби, пред да го оправда неоправданото – се пожали тој на Икс.
„Закачките“ или „политиките“ на Макрон стануваат геопланетарна катастрофа?!
На крајот на денот во Ханој, Емануел Макрон заврши сам одговарајќи на прашањата на новинарите, за да ги оправда сликите и да изврши контранапад против „лудаците“.
– Во видеото, јас и сопругата се закачкаме и се шегуваме и тоа ме изненади. И ова станува еден вид геопланетарна катастрофа каде што некои дури имаат и теории – се жалеше шефот на државата, по долг тивок поглед проследен со иронична насмевка.
Тој се обиде да направи паралела со други вирални слики и толкувања направени врз нив, кои циркулираа во последните недели, особено онаа во возот за Украина со британските и германските лидери. Елисејската палата мораше да ги негира коментарите на социјалните мрежи во кои беа обвинувани за употреба на дрога.
– Три недели (…) има луѓе што гледаат видеа и кои мислат дека сум споделил ќесе кокаин, дека „сум имал мано а мано со турски претседател“ и дека, сега, имам „домашен спор со сопругата“ – иронично рече Емануел Макрон.
– Ништо од ова не е вистина. Сепак, овие три видеа се вистинити, затоа сите треба да се смират и, пред сè, да се заинтересираат за суштината на веста – инсистираше тој.
Тој ги припиша овие манипулации на „мрежи што се доста добро воспоставени“, вперувајќи го прстот конкретно кон „Русите“ и „екстремистите во Франција“.
– Потоа имаме многу профили, анонимни или не, оние на кои „им оди карамела во глава“, вклучувајќи ги и „коментаторите на актуелни настани на кои никогаш навистина не им се допадна она што го направив, кои утрово објаснија дека имам дипломатија на претепан човек, за да ви кажам колку се луди“ – заклучи тој.
Шефот на француската држава веќе мораше и претходно да ја брани својата сопруга од теориите на заговор дека Брижит Макрон е маж.
„Сè уште имаме некои луди луѓе“. Ова се зборовите со кои Емануел Макрон првпат ја спомена и ја осуди гласината дека неговата сопруга е маж по име Жан-Мишел Троње. За време на церемонијата на потпишување на која се ратификуваше слободата за абортус во Уставот на 8 март 2024, Макрон од новинар на TФ1 беше прашан кои се неговите „најлоши спомени како претседател на Републиката“. Тој особено спомена, на овој Меѓународен ден на жената, можни „мачо и сексистички напади“ и „моќна жена што го придружува“, Брижит Макрон.
„Понижувања што се неподносливи“
Емануел Макрон одговори, без да го спомене името Жан-Мишел Троње, но доволно експлицитно за да можеме да разбереме.
– Нема да кажам повеќе – објасни тој со насмевка. Претседателот на Републиката особено ги осуди „лажните информации и измислените сценарија“ од „луѓе што на крајот им веруваат“, што, според него, „ја нарушува вашата приватност“.
– Размислуваш за луѓето што велат дека твојата сопруга е маж – додаде новинарот. Емануел Макрон веднаш одговори: „Да, апсолутно“.
Феминизмот „не е борба на жените“
– Феминистичката борба не е борба за жените, туку борба за мажите и жените – заклучи претседателот. Наведувајќи дека оваа борба „нè засега сите“, тој конечно го нагласи фактот дека „нема општество што живее достоинствено ако нема еднаквост“. Откако Емануел Макрон беше избран во 2017 година, теориите на заговор на социјалните медиуми честопати тврдеа дека Брижит Макрон, родена Троњео, всушност е трансродова жена чие родено име било Жан-Мишел.
Помпиду, Митеран, Ширак, Саркози, Оланд…
Макрон не би бил првиот француски претседател што имал проблеми со својата сопруга во Елисејската палата
По мирниот живот на генералот Шарл де Гол и неговата сопруга Увон во Елисејската палата, ниту еден претседател не беше поштеден од гласини за брачниот живот.
Жорж Помпиду и аферата „Марковиќ“, потоа следуваше Франсоа Митеран и неговиот двоен живот со две жени и вонбрачна ќерка, кои живееја на сметка на државата.
Жак Ширак ѝ беше верен на својата Бернадет, но многумина се сомневаа во неговата верност.
Никола Саркози, по пристигнувањето во Елисејската палата, се разведе од својата сопруга Сесилиа, за веднаш потоа да се ожени со манекенката Карла Бруни.
Франсоа Оланд имаше сериозни проблеми со љубоморната Валери Трајвилер, која приреди незаборавни сцени во Елисејската палата откако ја откри врската на претседателот со актерката Жули Гаје, со која сега Оланд живее, а претходно во невенчана врска живееше и имаше неколку деца со поранешната социјалистичка претседателска кандидатка Сеголен Ројал.
Сопружничка невербална комуникација меѓу претседателот на француската република и првата дама
Момент на блискост или мотивирачка шлаканица за отрезнување?
Пристигнувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во Ханој, Виетнам, привлече големо внимание од јавноста, бидејќи на социјалните мрежи се појави видео на кое неговата сопруга Брижит Макрон го допира неговото лице со рацете, што некои го протолкуваа како „удирање шлаканица“. Тоа се случило во моментот кога била отворена вратата од францускиот претседателски авион. Иако официјалниот коментар првично беше дека снимката не е веродостојна, Елисејската палата подоцна ја потврди нејзината автентичност. Официјално беше објавено дека станува збор за едноставно „задевање“ меѓу францускиот претседател и првата дама, што се случи по пристигнувањето на францускиот претседател во Ханој.
Оваа снимка стана вирална на социјалните медиуми, а особено ја споделија противниците на францускиот претседател и беше проследена со коментари.
Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Франција