Денот на објавувањето на извештајот на Вајц, воопшто нема да биде „денот Д“ за Македонија
Жално е во 21 век, векот на демократијата, векот на слободното размислување, векот на слободата во сите сфери, ние како Македонци да се радуваме доколку некој рече дека сме Македонци, дека говориме на македонски јазик. Мене лично не ми треба ниту европски известувач ниту кој било друг за да ми каже дека сум Македонец. Верувам дека и на мнозинството од овој народ не му е потребно, бидејќи тие знаат што се и како се чувствуваат. Оттука нашата битка ќе си ја продолжиме, но ќе ја продолжиме во осознавање на целите на овој народ, на потребите и патеката по која треба да се движи овој народ, независно од европските интеграции и независно од желбите и барањата на ЕУ
Страшо Ангеловски
Најпрво, воопшто не го сметам за ден Д за Македонија и македонскиот народ, затоа што во изминативе 25 години имавме многу, премногу вакви денови, така што не треба да имаме какви било очекувања. Треба да бидеме задоволни од односот на известувачот (Томас Вајц), кој за првпат се осмели барем да биде реален во она што ќе го пренесе таму пред неговите европски колеги. Меѓутоа јас искрено не верувам дека нешто ќе се смени, а верувам и убеден сум пак дека поради познатиот распоред на силите внатре во европскиот парламент (внатре во Европската Унија и сето она што значи европски естаблишмент) Бугарија ќе излобира или ќе издејствува да се минимизира таквиот извештај и повторно да не добиеме ништо.
ЕУ е целосно дефакторизирана
Но, да не се лажеме, многу скоро Европската Унија, ваква што е, нема да постои… По неколку години повторно ќе можеме да говориме за ова и ќе се уверите дека ЕУ е „свеќа што догорува“. Доколку Европа сака да биде обединета, тоа може само преку сојуз на суверени држави, сојуз во кој секоја држава ќе влезе со својот багаж, позитивен и негативен, притоа негативниот патем ќе се обидува да го исфрла, а позитивниот багаж ќе биде позитивниот дел од Европа како заедница на суверени држави. Но, во овој момент, ЕУ е целосно дефакторизирана. ЕУ не е никаков фактор во меѓународните односи, таа е исфрлена од меѓународните преговори за Украина, таа е исфрлена од случувањата во Газа, таа е исфрлена од случувањата помеѓу Пакистан и Индија… Се обидува да се втурне и да фати некое столче во задните редови, но е целосно исфрлена затоа што таа е и демографски и економски – мртовец. Доколку не се наоѓате седнати околу масата кога ќе се решаваат проблемите, тогаш ќе бидете на менито на масата. Бидејќи ЕУ нема да седи на масата, таа ќе се најде на менито кога ќе се расправа помеѓу трите големи светски сили. Така, од една страна ги имаме САД, кои со брзи чекори итаат кон развој на вештачката интелигенција, од другата страна ја имаме Кина, која можеби уште побрзо и позасилено го прави тоа. Во ЕУ на вештачката интелигенција ѝ е дадено внимание колку на ланскиот снег. Доколку не влезете во основното нешто што го движи светот, не можете да бидете моќен. Сето тоа, како и напливот на мигрантите, кои ја менуваат демографската слика во ЕУ и придонесуваат за она нешто што беше зацртано во некои стратегии, да се создаде постхристијанска Европа. Европа ги има своите корени во христијанството и доколку самата си ги урне сопствените темели, впрочем не може да градите куќа доколку сте ги урнале сопствените темели. Сето тоа се нешта што говорат дека ЕУ е свеќа што догорува и која единствено може да успее доколку влезе во сојуз на суверени држави. Тогаш ќе дојде денот Д за нас Македонците, затоа што ќе станеме рамноправни во тој сојуз.
За Македонците и бугарската нација…
Софија сака да ги избрише историските факти за бугарската нација. Имено, бугарската нација е создадена од многу Македонци. Сега ќе се обидам накратко да го објаснам оној принцип од 1648 година кога се воведуваат термините нација и држава.
Имено, со обединување на германските територии се создаде германската нација, која се состои од Пруси, Баварци и многу други. Така се создаваа западните христијански нации и држави. Така се создаде националниот идентитет, Италијанците од северниот и јужниот дел немаат допирана точка, како што се оние од Сицилија со оние од Милано. Тоа е принцип за создавање на една нација. Кон крајот на 19 век, овие моќни западни држави сакаа да одземат од моќта на Османлиското Царство, тие така ги создадоа, по тој принцип, државите Бугарија и Грција. Меѓутоа во бугарската држава остана да живее огромен дел од македонскиот народ, во спротивност од остатоците на старите бугарски племиња на кои канот Аспарух им го дал првото царство. Во оваа нација имаме наши вујковци, стрини и дедовци, кои останале да живеат по три основи во Бугарија. Првите се автентичните Македонци од Пиринска Македонија, вторите се беглаците од другите делови на Македонија од почетокот на 20 век и третите се македонската емиграција, која во текот на целиот период барала засолниште од турската, српската и од сите други окупации. Кон крајот на 19 век, кога доаѓа саксобурготскиот принц за да се создаде кнежество, а потоа и кралство, тоа е обединувачкиот фактор за создавање на бугарската нација. Во тој момент единствен жив јазик што се говори е јазикот на македонскиот народ и тој е запишан како јазик на бугарската држава, односно како бугарски јазик. Познавам илјадници македонски семејства што имаат роднини во Бугарија, нам сега ни се наметна да ги навредуваме сопствените братучеди. Тоа ни го наметна лошата официјална политика на Софија.
Ние со Софија имаме на двапати различни периоди, двапати позитивни и двапати негативни. Првиот позитивен период е во времето на Георги Димитров кога се признава македонскиот народ, се отвораат училишта и театри. Меѓутоа потоа доаѓа првиот негативен период, оној на Тодор Живков, кога доаѓа до прекин на сите односи, до целосно негирање на постоењето на Македонците. Во почетокот на 90-тите години на 20 век со доаѓањето на Жељо Жељев целосно се затоплуваат односите, кога Бугарија е првата држава што ја призна независноста на Македонија. Сега е последниот период, кога доаѓа телохранителот на Тодор Живков и повторно се соочуваме со истата идеологија на Тодор Живков и влегуваме во темен период. Што уште трае! Сакам да верувам дека придвижувањата во геостратегиските случувања ќе доведат до ситуација кога разумот ќе победи кај официјална Софија, за потоа да изнајдеме компромис. На крајот на краиштата, сѐ завршува со компромис, како во личниот живот така и во политиката сѐ е компромис. На крајот ќе бидеме принудени на компромис со кој Република Македонија нема да биде губитник, не мора да биде и добитник, туку своја на своето.
Некои политичко-партиски ставови на власта и на опозицијата по ова прашање
…Власта треба да има само трпение, да не подлегнува на притисоците и да ги продолжи разговорите, какви и да се, но никогаш да не прифаќа отворање на Уставот, затоа што „ќе дојде време кога ќе нема потреба да се отвора Уставот“. Без разлика дали ќе ги внесеме Бугарите во Уставот сега или на денот кога ќе ги отвориме преговорите со ЕУ, во што не верувам, или кога ќе станеме членка на ЕУ, во што пак воопшто не верувам, проблемот не е во овие 3.500 Бугари што живеат во Република Македонија. Јас и денес би ги внел во Уставот овие Бугари, но проблемот е во оние 150.000 вештачки издадени државјанства на кои официјална Софија ќе се повикува по менувањето на Уставот. Таа е свесна дека овие луѓе немаат бугарски национални чувства, но е свесна дека потпишале дека имаат бугарско национално чувство и дека имаат бугарско државјанство. Во кој и да е период на менување на Уставот, Софија ќе се повика на бројката. Дури на бројка од 50.000 им следува како и на другите во оваа држава, ќе им следува образование, од основно училиште до високо образование на мајчин во наводници бугарски јазик, ќе им следува култура на бугарски мајчин јазик, ќе им следуваат квоти за вработување во администрацијата.
СДСМ не може да се смени, дефинитивно како партија е уништена. СДСМ ја уништи либерализмот, оној европски либерализам. Таа повеќе не е социјалдемократска партија. Социјалдемократијата подразбира левичарски патриотизам, а либерализмот подразбира бришење на сѐ што е национално, на сѐ што е семејно, на сѐ што е полово, тие сакаат да кажат родово, сѐ што припаѓа на верата, сѐ што припаѓа на културата. СДСМ е најистакната алатка на европската либерална елита за уништување на македонските национални вредности. Затоа итаат, додека нивните европски браќа по верују, тоа се европските либерали или западните марксисти брзаат да ја разнебитат Македонија.
Замката од бугаризација на македонското општество
Некој можеби ќе рече дека доколку влеземе во ЕУ нема да имаат потреба да се чувствуваат како Бугари, но не е така, во една сиромаштија, во ситуација кога се води битка за вработување, официјална Софија ќе истура пари за школување на овие што се декларирале како Бугари. Така што ќе започне еден процес на бугаризација на македонското општество. Опасноста не е од овие 3.500 Бугари, но замката е во издадените бугарски државјанства. Сето ова го направија ЕУ и најголемите држави членки, со своите двојни стандарди, затоа што Бугарија е единствената држава во ЕУ на која ѝ е дозволено да издава државјанства без почитување на стандардите. Во Германија ова не е можно, како и во Франција или во Холандија. Таму не може да потпишеме дека нашиот дедо бил Французин или Холанѓанец и да добиеме француско или холандско државјанство. Ова ѝ е дозволено само на официјална Софија и сѐ повеќе станува јасно зошто тоа е така. Ние направиме огромна грешка уште во 1995 година кога го сменивме членот 49 од Уставот на Република Македонија и кога прифативме да не се грижиме за Македонците во соседните држави. Тоа беше исто така една голема замка во која падна нашата држава. Зошто? Затоа што не постои народ што нема свои малцинства во светот. Нема народ што успеал да се затвори во рамките на своите граници и да нема ниту петмина од своите припадници, лево или десно. Таа беше замката во која влеговме и сега негирањето на нашето постоење им оди малку полесно. Значи каков народ сте вие кога воопшто немате малцинства? Таа е играта за да се уништат македонските малцинства во Грција, Бугарија и во Албанија…