Poplavi Mexiko
Фото: ЕПА

Најмалку 47 лица загинаа, а 38 се водат како исчезнати во поплави и одрони предизвикани од обилни дождови во повеќе делови на Мексико – соопштија властите.

Околу 260 населени места, главно во планинските предели, се целосно отсечени од надворешниот свет, а десетици илјади домови се исполнети со кал и наноси.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум беше пречекана со протести за време на посетата на поплавениот град Поза Рика во источната сојузна држава Веракруз. Граѓаните бараат побрза помош од властите. „Знаеме дека постои очај и загриженост. Ќе се погрижиме за сите“, порача таа во видео обраќање.

Бројни патишта и мостови се оштетени, а многу населени места останаа без електрична енергија поради урнати бандери. Метеоролозите предупредуваат дека дождовите ќе продолжат, што го зголемува ризикот од нови свлечишта.

Најпогодени се источните и централните држави Веракруз, Идалго, Пуебла, Кверетаро и Сан Луис Потоси. Најмногу жртви има во Веракруз и Идалго.

Мексико се наоѓа при крајот на сезоната на дождови, која трае околу шест месеци и обично завршува во почетокот на ноември. Обилните врнежи се поврзани со тропските циклони Присила и Рејмонд во Пацификот и со атмосферски појави во Мексиканскиот Залив.

Во Пуебла, поради поплавите, избега бенгалски тигар од зоолошка градина, кој подоцна беше пронајден мртов под остатоци од наноси, соопшти агенцијата за заштита на животната средина „Профепа“.