Hurricane Melissa
Фото: ЕПА

Најмалку 20 лица, меѓу кои и 10 деца, загинаа, а уште 10 се водат како исчезнати во силните поплави што го погодија јужниот дел на Хаити, предизвикани од ураганот Мелиса – соопштија локалните власти.

Службата за цивилна заштита на Хаити информира дека трае потрагата по исчезнатите жители, откако река се излеала од коритото и однела неколку куќи.

Мелиса е најсилниот ураган што ја погодил областа во последните 90 години.

Вчера помина низ Јамајка, а денеска ги зафати и бреговите на Куба, каде, според претседателот Мигел Дијас-Канел, има „значителни штети“.

Вкупниот број на жртви во Јамајка, Доминиканската Република, Панама и Хаити досега изнесува најмалку 30 лица.

Претставници на Обединетите нации соопштија дека разурнувањата во Јамајка достигнуваат „невидени размери“, со огромни штети врз инфраструктурата, патиштата, телекомуникациската и енергетската мрежа.

– Првичните процени покажуваат дека повеќе од еден милион луѓе се погодени од ураганот – изјавија координаторите на ОН за регионот на Карибите.