Фото: ЕПА

Во земјотресот што синоќа го погоди северниот дел на Авганистан загинаа најмалку 20 лица, а 320 се повредени, соопшти тамошното Министерство за здравство, објавувајќи биланс на жртви.

– Во провинциите Балк и Саманган загинаа 20 лица, а 320 се повредени – изјави за новинарите портпаролот на Министерството за здравство, Шафарат Заман, додавајќи дека ова е привремен биланс.

Земјотресот се случи синоќа околу 20:30 часот по средноевропско време во Холм, во провинцијата Саманган, во близина на градот Мазар-е-Шариф, на длабочина од 28 километри, соопшти Американскиот геолошки институт (УСГС).

Сината џамија во Мазар-е-Шариф од 15 век е оштетена во земјотресот, јавија локални медиуми. Камења се откинале од импозантната зграда, украсена со блескави плочки, особено од минарињата.

Потресот се почувствувал во текот на ноќта сѐ до Кабул.

Авганистан често е погоден од земјотреси, особено во планинскиот венец Хиндукуш, близу спојот на евроазиската и индиската тектонска плоча.