Најмалку 20 американски држави прогласија вонредна состојба поради бури и снежни бури.
Повеќе од 180 милиони луѓе се во состојба на готовност за масивна бура што се протега од Ново Мексико до Мејн и се очекува да го парализира јужниот дел на САД со мраз и снег, објавува Еј-би-си њуз (ABC News).
Вонредна состојба прогласија Алабама, Арканзас, Делавер, Џорџија, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Пенсилванија, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија.
Главниот град Вашингтон, кој припаѓа на округот Колумбија, исто така прогласи вонредна состојба.
Американските медиуми објавуваат дека 25 јануари ќе биде запаметена како еден од деновите со најмногу откажувања на летови поради временските услови во историјата на американската авијација, со повеќе од 8.000 летови веќе откажани.
„Американ ерлајнс“ откажа 37 проценти од вкупните летови, а околу 85 проценти од летовите на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк веќе се откажани.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA) подготвува ресурси за бурата, вклучително и претходно позиционирање на материјали и опрема, според интерен плански документ прегледан од Еј-би-си њуз.
Во Камп Минден, Луизијана, ФЕМА подготви 250.000 оброци, 400.000 литри вода и 30 генератори, се наведува во документот.
Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на граѓаните да се грижат и да останат на топло.
– Тукушто одобрив вонредна состојба за Тенеси, Џорџија, Северна Каролина, Мериленд, Арканзас, Кентаки, Луизијана, Мисисипи, Индијана и Западна Вирџинија. Тесно соработуваме со Федералната агенција за управување со вонредни состојби, гувернерите и државните тимови за управување со вонредни состојби за да ја обезбедиме безбедноста на сите. Чувајте се и останете на топло – рече Трамп во објава на Трут соушл.
































