Бројот на жртви во Рио де Жанеиро се искачи на најмалку 132, соопштија официјални лица, по најсмртоносната полициска операција во бразилската историја. Жителите изнесле десетици тела на улиците преку ноќ, само една недела пред градот да биде домаќин на големи глобални климатски настани – објави „Ројтерс“, а пренесе хрватски „Индекс“.
Бројот, објавен од канцеларијата на јавниот правобранител на Рио, е повеќе од двојно поголем од бројката објавена вчера, кога државните власти објавија најмалку 64 мртви, вклучувајќи четворица полицајци. Државната влада соопшти дека рациите биле насочени кон главната нарко-банда „Командо Вермељо“.
Гувернерот на Рио, Клаудио Кастро, појасни дека првичниот број ги вклучува само телата обработени во јавната мртовечница.
Жителите на населбата Пења, кои барале исчезнати роднини, пронашле и собрале бројни тела од пошумена област зад нивната населба. Повеќе од 70 тела биле наредени на средина од улицата, создавајќи одвратни сцени.
– Само сакам да го извадам синот од тука и да го погребам – рече Тауа Брито, мајка на еден од загинатите, опкружена со плачливи членови на семејството и очевидци собрани околу долгата линија тела, од кои некои биле покриени со чаршафи или вреќи.
Гувернерот Кастро рекол дека е сигурен дека убиените во операцијата биле криминалци, со оглед на тоа што поголемиот дел од пукањето се случило во пошумена област.
– Не мислам дека некој би шетал во шумата на денот на конфликтот“, им рече тој на новинарите, додавајќи: „Единствените вистински жртви беа полицајците“.
Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва, кој се врати во Бразилија доцна вчера од патување, сè уште не ги коментирал рациите, но неговата канцеларија најави состанок со потпретседателот и членовите на кабинетот. Во меѓувреме, бројни организации за човекови права го критикуваа големиот број жртви во рацијата во воен стил.
Канцеларијата на ОН за човекови права објави дека ова го продолжува трендот на екстремно смртоносни полициски акции во маргинализираните заедници во Бразил.
– Ги потсетуваме властите на нивните обврски според меѓународното право за човекови права и повикуваме на брзи и ефикасни истраги – се вели во соопштението.
Полициската акција доаѓа само неколку дена пред Рио де Жанеиро да биде домаќин на глобални настани поврзани со самитот за климата COP30 на ОН, вклучувајќи го и Глобалниот самит на градоначалниците на C40 за климатски промени и доделувањето на наградата „Принц Вилијам Ертшот“ на Велика Британија.
Иако Рио беше домаќин на големи настани во изминатата деценија, како што се Олимписките игри во 2016 година, самитот на Г20 во 2024 година и самитот на БРИКС во јули, насилство од ваков обем не е регистрирано.

































