Најмалку 118 луѓе загинаа, а стотици се повредени по земјотресот што ја погоди северозападна Кина, објавија во вторникот кинеските државни медиуми, додека спасувачките тимови се обидуваат да стигнат до преживеаните на температури под нулата.
Земјотресот го погоди округот Џишишан во провинцијата Гансу доцна во понеделникот, при што оштетени се домови и патишта.
Спасувачите веднаш започнале потрага по преживеани под урнатините.
Според последните податоци, во провинцијата Гансу загинале 105 луѓе, а повеќе од 4.700 куќи биле оштетени, соопштија покраинските власти. Оттаму додаваат дека вкупно се повредени 397 лица, од кои 16 критично, а 76 потешко.
Според кинеската државна телевизија, во соседната провинција Кингхаи загинале 11 лица.
Измерената јачина на земјотресот е 5,9 степени, соопшти Геолошкиот институт на САД. Кинеската управа за земјотреси даде малку повисока проценка, која е 6,2 степени според Рихтеровата скала.
Кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика властите „да вложат максимални напори“ за потрага по преживеани и за лекување на повредените, истакнувајќи дека катастрофата се случила на голема надморска височина, каде што во моментов времето е многу студено.
Тајванската претседателка Цаи Инг-вен денеска изрази сочувство и и понуди помош на Кина по смртоносниот земјотрес.
„Тајван е подготвен да понуди помош за одговор на катастрофата“, објави Цаи на социјалната мрежа X.
Цаи, исто така, изрази сочувство по претходните природни катастрофи во Кина, вклучително и земјотресот во западната провинција Сечуан минатата година.
Властите поставија шатори на плоштад во Дахеџи, тешко погоден град во округот Џишишан. Најниската температура во Џишишан беше -14 степени Целзиусови во текот на ноќта.
На Кина не ѝ се непознати силните земјотреси, особено во југозападните делови на земјата, каде што евроазиската тектонска плоча се среќава со индиската плоча.
Земјотресот е на пат да биде најсмртоносниот што ја погодил Кина во речиси една деценија, откако во земјотресот во југозападната провинција Јунан загинаа околу 600 луѓе во 2014 година. Во 2008 година, соседната провинција Сечуан беше сведок на разорен земјотрес со јачина од 7,9 степени, во кој загинаа околу 90 000 луѓе.