Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц, според аналитичарите, се соочува со големи предизвици бидејќи исходот од изборите во покраините Саксонија и Тирингија ја доведува во сомнеж неговата коалиција на сојузно ниво
Резултати на регионалните избори во Германија: Изненадување или не?
Алтернатива за Германија (АфД) е на пат да стане првата десничарска политичка сила што победила на регионалните избори во Германија по Втората светска војна, покажуваат прелиминарните резултати од завчерашните регионални избори во покраината Тирингија. Во оваа покраина АфД освои 33,2 отсто од гласовите, пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која со 23,6 отсто се најде на втората позиција.
АфД би можела да го блокира назначувањето функционери во регионалниот парламент
АфД, во зависност од бројот на пратеници во Тирингија, би можела да добие доволно претставници во регионалниот парламент за да ги блокира одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство. Оваа партија на тој начин би можела да одигра важна улога во новиот состав на регионалниот парламент наспроти неподготвеноста на другите политички сили да коалицираат со неа.
АфД би можела да го блокира назначувањето судии и високи безбедносни функционери во Тирингија, каде што ја предводи нејзиниот најекстремен претставник Бјерн Хеке.
Што значи за официјален Берлин успехот на АфД?
Во другата германска покраина во која се одржаа регионални избори, Саксонија, каде што ЦДУ владее од 1990 година, прелиминарните резултати покажуваат дека ЦДУ е на прво место со 31,5 отсто од гласовите, со предност од 1,1 отсто пред АфД.
Силните резултати на десницата се резултат на политиките на коалициската влада на федерално ниво, истакна конзервативниот премиер на Саксонија, Мајкл Кречмер, додавајќи дека има голем недостиг од доверба во политиката, односно дека е потребен „нов политички стил во Берлин“.
Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц, според аналитичарите, се соочува со големи предизвици бидејќи исходот од изборите во покраините Саксонија и Тирингија ја доведува во сомнеж неговата коалиција на сојузно ниво.
Двете покраини имаат вкупно шест милиони жители (четири во Саксонија и два во Тирингија) – што е помалку од осум отсто од вкупната германска популација, но се смета оти регионалните избори би можеле да имаат големо влијание врз државата како целина.
Подемот на крајните партии од десницата и од левицата во Источна Германија се смета како голем укор за трипартитната коалициска влада на Шолц, која се бори да опстане по слабиот резултат на европските избори.
Горчливи резултати за германскиот канцелар Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги нарече „горчливи“ резултатите од двата регионални избора на кои голема победа забележа десницата, Алтернатива за Германија (АфД).
– Резултатите од изборите се горчливи и за нас. Нашата земја не може и не смее да се навикне на ова. АфД ѝ штети на Германија. Ја ослабува економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја – рече Шолц, нагласувајќи дека се обраќа од позиција на претставник на неговите централнолевичарски социјалдемократи (СПД).
Тој ги повика главните партии да формираат влади без „десничарски екстремисти“, со што треба да се истакне дека преостанатите партии досега одбиваа да соработуваат со АфД за формирање мнозинство.
Се смета дека резултатите од регионалните избори ја „казнија“ коалицијата на Шолц. На една година пред националните избори во Германија, резултатите од вчера ја казнија.
Сите три владејачки партии загубија гласови, а само неговата СПД го премина прагот од пет отсто потребен за да остане во парламентите на двете сојузни држави.
– Ова е реквием за коалицијата, која треба да се запраша дали воопшто може да продолжи да владее – рече копретседателката на АфД, Алиса Вајдел, за коалицијата на Шолц.
Подемот на АфД ги загрижува мигрантите во Германија
Изборните резултати и успехот на АфД во Тирингија и во Саксонија ги загрижуваат мигрантите што престојуваат во овие германски покраини, пренесува „Дојче веле“. Голем број од нив размислуваат да ги напуштат Тирингија и Саксонија земајќи го предвид подемот на АфД, како и зачестените напади со кои се соочуваат.
Но, од друга страна, според „Дојче веле“, забележана е и појава на мигранти што се решени да гласаат за десничарската партија АфД, која постојано агитира против бегалците и азилантите во Германија.
Се смета дека токму неодамнешниот пораст на бројот на азиланти ги турка европските гласачи во рацете на сега веќе етаблираните популистички и екстремно десничарски партии, како што е случајот во Германија.