Фото: ЕПА

Цената на нафтата надмина 100 долари за барел, првпат од 2022 година и почетокот на руската инвазија врз Украина. Скокот доаѓа во услови на растечки тензии и воени дејствија на Блискиот Исток, што предизвика загриженост на енергетските пазари.

Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше на поскапувањето со објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека повисоката цена на нафтата е прифатлива цена во контекст на безбедносните предизвици, пишува „Си-ен-ен“.

 – Краткорочните цени на нафтата, кои брзо ќе паднат кога ќе заврши уништувањето на нуклеарната закана од Иран, се многу мала цена што треба да се плати за САД и светот, безбедноста и мирот. Само будали ќе размислуваат поинаку!“ објави Трамп на „Трутх Соушл“ (Truth Social).

На енергетските пазари, фјучерсите на нафта и цените на бензинот нагло пораснаа, бидејќи трговците стравуваат дека конфликтот со Иран може да предизвика долготрајни прекини во снабдувањето со нафта. Дополнителна неизвесност создава и ширењето на воените активности во други делови на Блискиот Исток, како и нападите врз рафинерии во регионот богат со нафта.

Иран, пак, се закани дека ќе нападне танкери што минуваат низ Ормутскиот теснец – клучна поморска рута низ која се транспортира околу 20 проценти од светската нафта.

Во меѓувреме, фјучерсите за американската сурова нафта се зголемија за околу 18 проценти и достигнаа приближно 108 долари за барел, што е највисоко ниво од 19 јули 2022 година. Во еден момент во недела навечер, цената накратко се искачи и до 110 долари за барел, пишува „Си-ен-ен“.

Сличен тренд има и кај глобалниот репер Брент, чии фјучерси пораснаа за 16 проценти, на речиси 108 долари за барел.

Аналитичарите предупредуваат дека цените може дополнително да пораснат доколку се наруши транспортот низ Ормутскиот теснец.

 – Нафтата би можела да порасне на 150 долари за барел до крајот на март ако патувањето низ теснецот не почне повторно да се одвива – изјави Хомајун Фалакшахи, водечки аналитичар за истражување на сурова нафта.