Министрите за надворешни работи на Русија и Украина ги почнаа денеска во Анталија првите разговори на високо ниво меѓу двете земји откако почнаа оружените дејствија во Украина, при што Анкара се надева дека тие би можеле да означат пресвртница за конфликтот.
„Средбата започна“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Посредник на средбата е турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чуавушоглу.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги ублажи очекувањата за договор за прекин на огнот или други резултати од средбата со рускиот колега Сергеј Лавров.
Во досегашниот тек од војната има два милиона бегалци од Украина во она што Обединетите нации го нарекуваат најбрзата хуманитарна криза во Европа од Втората светска војна.
Членката на НАТО, Турција во неколку наврати понуди да посредува меѓу страните и ќе биде домаќин на нивните двајца врвни дипломати по неколкунеделните обиди за посредување на светските сили.
Кулеба го повика Лавров да пристапи кон разговорите „со добра волја, а не од пропагандистичка перспектива
– Искрено ќе кажам дека моите очекувања од разговорите се мали. Ние сме заинтересирани за прекин на огнот, ослободување на нашите територии и третата точка е да се решат сите хуманитарни прашања – рече вчера Кулеба.
Москва соопшти дека е подготвена за разговори со Украина, но дека сите нејзини барања – вклучително и Киев да заземе неутрална позиција и да се откаже од аспирациите за приклучување во НАТО алијансата – мора да бидат исполнети за да се стави крај на оружениот конфликт.
Делегациите од двете земји претходно одржаа три рунди разговори, два во Белорусија и еден во Украина. И покрај некои позитивни знаци за хуманитарните аранжмани, тие преговори имаа мало влијание.
Москва ги нарекува оружените дејствија „специјална воена операција“ за разоружување на Украина и разрешување на лидерите што ги нарекува „неонацисти“. Киев и неговите западни сојузници го отфрлаат тоа како неоснован изговор за неиспровоцирана војна против демократска земја од 44 милиони жители.