Нацизмот е главната европска идеологија во моментот, истакна вчера потпретседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, пренесува „РТ Балкан“.
Медведев ја коментирал веста дека на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски се појавила петиција со која се бара воведување нова државна награда, орден на Степан Бандера.
– Да се воведе државна награда орден на Степан Бандера за наградување на воениот персонал за нивниот хероизам и храброст во одбраната на територијалниот интегритет на Украина – се наведува во петицијата на веб-страницата на кабинетот на Зеленски.
Петицијата беше објавена во понеделникот и до утринава на неа се потпишале околу 200 луѓе, а за разгледување на петицијата потребни се 25.000 гласа.
Бандера беше еден од главните идеолози на украинските националисти, кои соработувале со германските нацисти пред и за време на Втората светска војна.
– Ете, и тоа го доживеавме. Нацистите во Киев бараат да се воспостави Редот на Степан Бандера. Воопшто да не ситничарите, веднаш нека биде во три степени за да можете убаво да го носите на рамото. И не само Степан Бандера. Може и за Евгениј Коновалец, а може и медал на Роман Шукевич“ – напиша Медведев на „Телеграм“.
Степан Бандера бил лидер на Организацијата на украинските националисти (ОУН) и еден од главните основачи на борбеното крило на Украинската бунтовничка армија, чија цел е прокламираната борба за независност на Украина.
Украинската бунтовничка армија била формирана во октомври 1942 година и главно дејствувала во западна Украина, каде што се борела против советските трупи соработувајќи со нацистите.
Тие извршиле многу злосторства, вклучувајќи го и масакрот во Волин во 1943 година, во кој било убиено полското население на Волин, како и илјадници Украинци, кои одбиле да соработуваат со нацистите.
Прашањето за толкувањето на масакрот во Волин и односот кон лидерите на украинските националисти од тоа време е едно од најтешките прашања во односите меѓу Полска и Украина.
И Коновалец, кој бил водач на Украинската бунтовничка армија, кој се поврзал со Хитлер и планирал да крене вооружено востание во Украина, и Шукевич, политички лидер на ОУН, се украински националисти и познати нацистички соработници.
Медведев им предложи и на Германците да усвојат орден на Адолф Хитлер, на Италијанците – на Бенито Мусолини, но и на Хорти, Франко, Антонеско и на другите „европски сојузници на Хитлер“.
– Зошто да ситничарите? Ако веќе величате, тогаш земете ги сите европски нацисти. Затоа што тоа сега е главната европска идеологија – истакна Медведев.
На крајот, исто така со ироничен тон, Медведев им предложил на Украинците дека најдобро е веднаш да воведат и орден на Владимир Зеленски.
– Никогаш не се знае. Нека има за секој случај – напиша Медведев на „Телеграм“.