Колонијализмот, кој беше типичен за моќните европски држави, како што беше Британска Империја, се карактеризираше и со присвојување вредни артефакти и културни предмети. На овој начин, Ирак изгуби значаен дел од своето културно наследство како што се многубројните предмети од сумерската цивилизација или Грција, која е лишена од своето античко културно наследство, како што се т.н. Елгински мермери, кои некогаш се наоѓале на славниот Партенон. Но во изминативе години се појавија одредени глобални тенденции што се во насока на враќањето на одземеното културно наследство, како што се примерите кога неколку музеи им вратија на африканските држави дел од одземеното културно наследство.
Светската, а и европската пракса покажуваат дека понекогаш државите се одлучни во намерите за враќањето за своето културно наследство. Како особен пример може да се одвојат постојаните иницијативи и барања на Република Грција за враќање на т.н. Елгински мермери, кои денес се наоѓаат во Британскиот музеј. Според добро упатени во оваа проблематика, во Атина постои политичка волја за ова прашање, како и општествена одговорност. Ова беше особено забележливо при последната средба помеѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и британскиот премиер Кир Стармер.
Според дел од светските медиуми, грчкиот премиер го поставил прашањето за Елгинските мермери пред неговиот британски колега. По средбата на двајцата премиери, „Политико“ посочи дека во протоколот од официјалната средба не се споменуваат античките скулптури, но ја цитираше и изјавата на претставник на грчката влада, кој го поздравил фактот дека британската влада нема да застане на патот доколку има договор со Британскиот музеј за ова прашање. Минатата година изби голем дипломатски скандал кога средбата помеѓу Мицотакис и поранешниот британски премиер Риши Сунак ненадејно беше откажана во последен момент. Според пишувањата на „Политико“, средбата била откажана откако грчкиот лидер го спореди отстранувањето на скулптурите од Атина со преполовување на „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи. Дека Република Грција не се откажува од т.н. Елгински мермери од Партенон потврдува и изјавата на грчката министерка за култура Лина Мендони, за грчката државна телевизија.
– Секоја страна има свои црвени линии. Она што се промени е дека сега постои меѓународна клима што фаворизира враќање на културните добра што се украдени, насилно извлечени од територијата на една земја, во местото на нивното раѓање. Ова е етичко прашање што се провлекува низ политиките на големите музеи и културната политика воопшто на меѓународно ниво. Немаше да работиме со оваа посветеност, ако навистина не верувавме дека скулптурите ќе бидат вратени на светлината на Атика. Веруваме дека ќе се вратат – рече Лина Мендони за грчката државна телевизија.
Извори на грчките медиуми сугерираат дека враќањето на скулптурите во Грција станува сѐ поизводливо, иако клучното прашање лежи во условите за нивното враќање. Британскиот музеј се двоуми дали да се откаже од сопственоста, инсистирајќи на тоа дека скулптурите остануваат дел од колекцијата, дури и ако се изложени во Грција. Грчките власти, сепак, јасно ставија до знаење дека нема да ги прифатат скулптурите под статус на заем или сопственост, инсистирајќи на целосна реституција.

Д.Ст.