Случувањата поврзани со Украина, следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, проширувањето, геоекономската ситуација во Унијата, состојбите на Блискиот Исток, европската одбрана и миграцијата ќе бидат темите за кои, според најавата, ќе расправаат шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија на Самитот што почнува денеска во Брисел.
Сепак, главното прашање околу кое ќе се кршат копјата на Самитот се очекува де биде планот за т.н. заем за репарации, кој предвидува замрзнатите руски средства во ЕУ да се искористат за исплата на 210 милијарди евра на Украина за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година.
Европската комисија го предложи овој план уште на октомврискиот Самит на ЕУ, но тој тогаш не беше усвоен поради противењето на Белгија, која стравува од ризиците и последиците од таквиот потег поврзани со потребата за евентуално враќање на тие пари на Русија, имајќи предвид дека најголемиот дел од замрзнатите руски средства или околу 185 се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел.
Од тие причини Белгија побара гаранции дека нема самата да се соочи со евентуалните последици од ваквиот план, на што Европската комисија излезе со предлог за „заштитни мерки“, но белгиската Влада оцени дека тие не се доволни за да го промени ставот.
Во вчерашното обраќање во Европскиот парламент на дебатата посветена на Самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека предложила две опции за обезбедување на финансиска поддршка за Украина – со користење на замрзнатите руски средства во ЕУ и преку дополнително задолжување на Унијата.
– Од нас зависи како ќе ја финансираме борбата на Украина. Ја знаеме итноста. Таа е акутна. Сите ја чувствуваме. Сите ја гледаме – рече Фон дер Лајен.
Таа потсети и дека минатата недела земјите членки се согласија на замрзнување на руските средства на неопределено време.
– Тоа значи дека руските средства ќе останат замрзнати сè додека не одлучиме поинаку, сè додека Русија не ја запре војната и соодветно не ја компензира Украина за сите направени штети. Со средствата замрзнати на неодредено време, можеме да го претвориме ова во вистински пресврт за Украина и за Европа – рече Фон дер Лајен.
Евентуалната одлука на Самитот за одобрување на планот за заемот за репарации може да биде донесена со квалификувано мнозинство, односно со поддршка од најмалку 15 земји членки во кои живеат најмалку 65 отсто од жителите на блокот. Ова би значело дека предлогот би можел да биде усвоен и покрај очекуваното гласање „против“ на Белгија и на уште неколку други земји, како Бугарија, Италија, Малта, Словачка, Унгарија или Чешка.
Сепак, дипломатски извори оценуваат дека ваквиот потег би бил „политички токсичен“, би претставувал „нуклеарна опција“ и би го нарушил принципот на солидарност во ЕУ и би поставил „катастрофален преседан“ дека секоја средна или мала земја членка би можела да биде надгласана од поголемите држави и нивните поддржувачи.
Резервната опција за заедничко задолжување на ЕУ на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзница се смета за политички невозможна мисија. Унгарија веќе најави дека ќе стави вето на евентуален ваков предлог, но таквата идеја е неприфатлива и за повеќето „северни земји“, вклучително и Германија, кои жестоко се противат на натамошно зголемување на долгот на ЕУ.
Во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта наведе дека „неодамнешните случувања“ поврзани со Украина ја истакнуваат потребата од итна акција од страна на Унијата, потсетувајќи ги дека на октомврискиот Европски совет тие се обврзаа да ги покријат итните финансиски потреби на земјата за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори.
– На овој состанок треба да одлучиме како да ја спроведеме таа обврска – наведе Кошта.
Тој додаде дека во исто време во тек се и „дипломатски напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“, па во тој контекст лидерите ќе разговараат и како „најдобро да продолжат да ги бранат интересите на Европа“ и како да биде зајакната преговарачката позиција на Украина.
– Важен дел од таа равенка треба да биде зголемениот притисок врз Русија – додава Кошта, најавувајќи дека на почетокот на дебатата за Украина лидерите ќе имаат можност да се слушнат и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во врска со проширување на ЕУ во најавата за Самитот се посочува дека тоа претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитет. Во неа се оценува дека реформските процеси поврзани со проширувањето, како пристап базиран на заслуги, имаат длабоко трансформативен ефект врз земјите кандидати за членство на нивниот пат кон пристапување во ЕУ.
Кошта во поканата наведе дека со оглед на напредокот што некои земји кандидати за членство во ЕУ го постигнаа на нивниот пристапен пат, некои од нив „можеби ќе ги исполнат потребните услови за да се приклучат кон Европската Унија во не толку далечна иднина“.
– Декемврискиот состанок на Европскиот совет ќе биде навремена можност да разговараме за идните чекори – потенцира Кошта, кој вчера во Брисел беше домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Лидерите на денешниот состанок ќе имаат и стратешка дискусија за досегашниот напредок во изработката на финансиската рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година и од оваа расправа се очекува да произлезат насоки за идната фаза од преговорите за усогласување на следниот повеќегодишен буџет.
– Ќе биде потребна интензивна работа за да се постигне договор до крајот на 2026 година за следниот мултифункционален финансиско-програмски план и неговото финансирање. Важно е да се почитува овој распоред. Тоа ќе покаже дека, во актуелниот непредвидлив свет, ЕУ е во состојба да одлучува навремено и разумно при дефинирањето на буџетските основи за своето дејствување – наведе Кошта во поканата.
Предвидено е на Самитот да се разговара и за геоекономска ситуација во ЕУ и како таа влијае врз европската конкурентност.
– Со оглед на зголемената геоекономска конкуренција и променетиот пејзаж во економските односи засновани на правила и традиционални партнерства, лидерите ќе се фокусираат на три аспекти: како ЕУ најдобро може да се одбрани од надворешни економски и политички притисоци, на забрзувањето на трговската агенда на ЕУ и на стратешката автономија и конкурентните економии.
На Самитот лидерите ќе се осврнат и на ситуацијата на Блискиот Исток, со посебен акцент на придонесот и улогата на Европската Унија кон целосно имплементирање на прекинот на огнот во Газа и трасирањето на патот кон сеопфатен, праведен и траен мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина.
Кошта во поканата додаде и дека на Самитот ќе биде направен и преглед на спроведувањето на претходните одлуки за европската одбрана и безбедност, насочени кон „решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година“.
– Неодамнешните настани покажуваат дека Русија и Белорусија ја интензивираа својата хибридна кампања во Европа. Ова нè потсетува дека треба да ги забрзаме напорите во сите насоки кон нашата одбранбена подготвеност – вели Кошта во поканата.
Покрај ова, според него, согласно вообичаената вообичаена практика, на состанокот ќе биде разгледан и напредокот во спроведувањето на заклучоци од претходните самити поврзани со миграцијата, при што Европската комисија ќе поднесе извештај за актуелните случувања во оваа област.
– Како и секогаш, ќе се потрудам нашиот состанок да се одржи на еден ден. Но, мојот главен приоритет е да ги исполнам важните одлуки што мора да се донесат, пред сè за финансирањето на Украина. Со нетрпение очекувам да ве видам во Брисел – наведе Кошта во поканата до лидерите на ЕУ за учество на Самитот.


































