Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, в среда и четврток (4 и 5 февруари), најави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски нагласи дека Киев е подготвен за „суштинска дискусија“.

Тој истакна дека информациите доаѓаат од украинскиот преговарачки тим кој денеска требаше да одржи разговори со руската делегација.

– Нашиот преговарачки тим штотуку даде извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени: 4 и 5 февруари во Абу Даби. Украина е подготвена за суштински разговори и ние сме заинтересирани исходот да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната (Москва-Киев). Ви благодариме на сите што помагате! – рече тој.

Ни Москва ниту Вашингтон не ги потврдија информациите што ги сподели Зеленски.

Претходно, повеќе западни медиуми јавија дека денешната средба на претставници на рускиот и украинскиот тим е одложена, а дипломатскиот фокус е насочен кон средината на претстојната недела.