Москва – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека се потребни договори за ефективни контролни механизми доколку има одржлив прекин на огнот во отцепениот регион Нагорно Карабах. Лавров рече дека таквите механизми може да вклучуваат употреба на разни електронски уреди, телефонска линија меѓу Ереван и Баку, набљудувачи под покровителство на ОБСЕ и операции со учество на воени контингенти.
Вашингтон – САД од вчера најавија дека и официјално го напуштаат меѓународниот договор за климата постигнат во Париз кон крајот на 2015 година. На 4 ноември 2019 година, американските власти ги информираа Обединетите нации дека почнале со процесот за напуштање на договорот. Американскиот државен секретар Мајк Помпео тогаш Парискиот климатски договор го оцени како „економски неправеден товар“ за американската економија.
Брисел – Повеќе од 3,3 милиони луѓе се заразени со коронавирусот во изминатите седум дена, што е највисок пораст на случаи во една недела од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација. Во периодот од 26 октомври до 1 ноември, најмногу од сите случаи биле регистрирани во Европа, односно околу 1,7 милион, што е за 22 проценти повеќе од една недела претходно. Во исто време, бројот на смртни случаи е поголем за 46 проценти.
Анкара – Спасувачките екипи ги завршија активностите за преглед на урнатите згради по силниот земјотрес што минатата недела ги погоди турскиот град Измир и соседните региони. Агенцијата за управување со вонредни состојби (АФАД) вчера соопшти дека 114 луѓе загинаа, а повеќе од илјада се повредени како резултат на земјотресот во егејскиот регион на Турција. Во болница се задржани 137 повредени лица. Земјотрес со интензитет од 6,6 степени според Рихтеровата скала ги погоди Измир и соседните региони во петокот, а во тој регион беа регистрирани 1.621 земјотрес, од кои 44 беа посилни од четири степени.