Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика родителите да ги испратат своите деца на училиште во септември, објаснувајќи дека тоа ќе биде клучниот чекор во закрепнување на земјата и нејзината економија од ефектите од пандемијата на ковид-19. Тој истакна дека нема да има поголем ефект врз животните шанси на децата, отколку да се вратат на училиште. Според Џонсон, ризикот за заразување на децата со ковид-19 во училиште е многу мал и многу е штетно за нивниот развој и здравје да не одат на настава.
Техеран – Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Маријано Гроси ќе го посети Техеран каде што ќе има состаноци со високи ирански функционери, јави „Ројтерс“. Ова е прва посета на Гроси од стапувањето на функцијата генерален директор на оваа организација со седиште во Виена во декември. Гроси ќе разговара во Техеран за можноста инспекторите на Агенцијата да ги посетуваат местата планирани како дел од следењето на спроведувањето на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма.
Вашингтон – Во Шарлот вчера започнува конвенцијата на републиканците на која официјално ќе биде избран Доналд Трамп за кандидат на претседателските избори. Како што јави Си-ен-ен, конвенцијата ќе трае до 27 август. Трамп предходно изјави дека има намера да ја прифати номинацијата на неговата партија со говор на 27 август од Белата куќа. Трамп исто така има намера да одржува говори во текот на сите четири дена на конвенцијата.
Пјонгјанг – Јужнокорејскиот дипломат Чанг Сонг Мин тврди дека севернокорејскиот лидер Ким јонг-ун е во кома и дека неговата сестра ја презела контролата врз Северна Кореја, пренесува британскиот весник „Дејли мејл“. Поранешниот помошник на починатиот претседател на Јужна Кореја, Ким Дае Јунг, тврди дека Северна Кореја ја крие вистината за влошената здравствена состојба на нејзиниот лидер и можно е севернокорејскиот лидер да е во кома. Чанг за локалните медиуми изјави дека сестрата на Ким, Ким Јо Џонг е во позиција да преземе некои од овластувањата на нејзиниот брат.