Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го претстави својот план за мир на Блискиот Исток пред израелските лидери да го посетат Вашингтон во текот на претстојната недела. Трамп долго време навестуваше постоење на план со кој би се решил долготрајниот спор меѓу Израел и Палестинците, наводно создаден од неговиот зет Џеред Кушнер. Сепак, неговото објавување постојано се одложува. Американскиот претседател истакна дека Палестинците можеби во почетокот ќе реагираат негативно, но додаде дека предлогот ќе биде од нивна корист.
Бразилија – Бразилските власти соопштија дека најмалку 30 лица настрадаа во поплави и свлечишта предизвикани од дводневните силни дождови во југоисточниот дел на земјата. Според претставници на цивилната заштита, 17 лица се пријавени за исчезнати, додека 2.600 луѓе биле евакуирани од нивните домови во бразилската држава Минас Жeраис. Во моментов се прави процена на штетата во погодените области.
Вашингтон – Адвокатите на американскиот претседател Доналд Трамп почнаа да ја изнесуваат одбраната на судењето за импичмент во Сенатот, тврдејќи дека обидот на демократите да го сменат претседателот ќе постави многу важен преседан во изборната година. Лидерот на правниот тим Пат Чиполоне им порача на сенаторите дека на избирачите ќе им го одземат правото своето мислење за Трамп да го искажат на претседателските избори на 3 ноември, доколку го прогласат за виновен и го сменат од должноста.
Мадрид – Шпанскиот премиер, Педро Санчез, изјави дека е неопходен дијалог за решавање на кризата во Венецуела. Тој е цел на критики од страна на опозицијата поради тоа што одби да разговара со проамериканскиот лидер на опозицијата во Венецуела, Хуан Гваидо. Шпанскиот премиер додаде дека неговата влада секогаш ја поддржувала опозицијата во Венецуела, како и дека се залага за организирање избори во таа земја. Санчез потсети дека Шпанија му даде поддршка на опозиционерот Леополд Лопез, кој се засолни во шпанската амбасада во Каракас.