Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави оти е подготвен да се повлече од функцијата наредната година, во согласност со предложениот договор за поделба на власта со својот главен ривал Бени Ганц, како одговор на кризата со коронавирусот. Сино-белиот сојуз на Ганц, кој веќе доби мандат за формирање нова влада, го обвини Нетанјаху дека ја користи пандемијата за да остане на власт и да го избегне судењето за корупција.
Хаг – Судот во Хаг продолжува со работа, изјави портпаролот на Специјалниот совет на обвинителството, Кристофер Бенет, негирајќи ги тврдењата дека Трибуналот ќе престане да функционира поради пандемијата. Бенет нагласи дека специјалното обвинителство продолжува да функционира и да го спроведува својот мандат, како и дека се преземени сите заштитни мерки за судот да работи наспроти ширењето на коронавирусот.
Сукре – Претседателските избори закажани за 3 мај во Боливија се одложени поради ширењето на коронавирусот, соопшти Врховниот суд на оваа земја. Судот посочи дека ќе биде воспоставен дијалог со сите политички партии за да се утврди нов датум на изборите. Преодната влада на Боливија одлучи да ја стави целата земја во карантин за да спречи понатамошно ширење на коронавирусот. Граѓаните требаше да излезат на гласање на 3 мај и да изберат нов претседател по заминувањето на Ево Моралес.
Братислава – Членовите на новата словачка влада со заштитни маски и со ракавици положија заклетва пред претседателката на државата Зузана Чапутова. Словачка, како и другите европски земји, е погодена од епидемијата на коронавирус. Борбата против коронавирусот и против корупцијата е најавениот приоритет на новата влада на премиерот Игор Матович, чија коалиција има 95 од вкупно 150 места во парламентот.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп му пиша писмо на севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун во кое го повика Пјонгјанг на соработка против коронавирусот. Трамп во писмото го пофалил начинот на кој Северна Кореја се борела со епидемијата, според севернокорејските медиуми.