Вашингтон – Фејсбук почна да ги отстранува дезинформациите за сите вакцини поради штетни, неосновани здравствени тврдења што се ширеа на нивната платформа. Компанијата најави дека, како дел од нивната политика за дезинформации поврзани со ковид-19, ќе ги брише објавите со лажни информации за сите видови вакцини. Овие нови правила ќе важат за објави на корисниците, како и за платени реклами што и досега беа забранети доколку содржат таков вид дезинформации.
Пекинг – Меѓународните експерти што го испитуваат потеклото на пандемијата на коронавирусот во Кина, неделава се очекува во кинескиот град Вухан да одржат прес-конференција, објави Светската здравствена организација. Според РСЕ, меѓународниот тим што работи на разбирање на потеклото на ковид-19 го завршува својот четиринеделен престој во Вухан, Кина, и заедно со своите кинески колеги ќе учествува на прес-конференција.
Непјидо – Армијата на Мјанмар, која ја презеде власта на 1 февруари, воведе полициски час во неколку града, додека генералите првпат ја споменаа можноста за одмазда против демонстрантите што излегоа на улиците. Полицискиот час беше воведен во неколку населени места. Војската соопшти дека од 20 до 4 часот се забранети собири на повеќе од пет лица. Главниот командант на армијата Мин Аунг Хлаинг завчера изјави дека пучот бил организиран поради изборна измама на парламентарните избори одржани во ноември.
Токио – Подморницата на јапонските морски одбранбени сили се судри со брод крај брегот на префектурата Кочи во јужна Јапонија, соопшти Катсунобу Като, генерален секретар на јапонската влада. Како што пренесува АП, при сударот на јапонска подморница и бродот во Тихи Океан, неколку лица биле повредени, а јапонската подморница е оштетена. Властите ги испитуваат деталите за инцидентот, видот на бродот со кој се судрила подморницата и државата во која е регистриран.