Техеран – Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи изјави дека САД мора да ги укинат сите санкции доколку сакаат Иран да ги почитува обврските од нуклеарниот договор со западните сили, објави државната телевизија. Коментарите доаѓаат откако министерот за надворешни работи на Иран го повика Вашингтон да дејствува брзо за да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година, во интервју објавено на 6 февруари во ирански весник.
Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе биде „многу тешко“ за Америка да достигне имунитет на стадо до септември. Имунитет на стадо значи дека голем дел од популацијата станува отпорен на болеста или преку заразување или со вакцинација. Тоа го намалува пренесувањето на вирусот, дури и кај оние од популацијата што немаат развиено имунитет јави „Си-би-ес“. Научниците велат дека имунитетот на стадо бара најмалку 75 проценти од населението да развијат заштита.
Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изрази длабока загриженост во врска со одбивањето на Русија да има „поконструктивен“ дијалог со ЕУ и ги повика земјите-членки да одлучат за понатамошните мерки, вклучувајќи ја и можноста за санкции.
Амстердам – Холандија вчера беше погодена од првата голема снежна бура во последните 10 години, што го наруши железничкиот и патниот сообраќај, а студениот бран продолжува да се движи кон другите делови на Северна Европа. Временските непогоди во Холандија се дотолку големи што холандската влада одлучи да ги затвори сите центри за тестирање на коронавирус на неколку дена. Холандската метеоролошка агенција издаде црвен аларм во целата земја, предупредувајќи на ветрови што ќе дуваат со брзина до 90 километри на час.