Анкара – Турција понуди овој месец да продолжат преговорите со Грција за спорот во врска со истражувањето на наоѓалиштата на гас во Средоземно Море, како и за други прашања, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, пренесува Ројтерс. Анкара и Атина се во спор за правата за пребарување нафта и гас во Средоземно Море, како и околу воздушниот простор и статусот на некои острови. Грција не ги прифати разговорите планирани за минатата година, по што Турција испрати истражувачки брод во спорните води.
Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди забрзување на плановите за изградба на 800 дома за еврејски доселеници на Западниот брег, продолжувајќи со населувањето на автономната палестинска област во последните денови на владата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел е резервирана во однос на начинот на кој е суспендиран твитер-налогот на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот портпарол, пренесе Ројтерс. Штефан Зајберт наведе дека законодавците, а не приватни компании, би требало да одлучат за сите потребни ограничувања за слободно изразување. Компанијата „Твитер“ на 9 јануари соопшти дека трајно е суспендиран твитер-налогот на претседателот на САД, Доналд Трамп, поради ризик од понатамошно поттикнување насилство.
Вашингтон – „Бионтек“, која е партнер на компанијата „Фајзер“ во производството на вакцината против ковид-19, ја зголеми целта да испорача две милијарди дози во 2021 година, за разлика од претходната процена од 1,3 милијарда дози, бидејќи ќе воведе нова производствена линија, јави АП. Посебните шприцеви биле клучни за зголемувањето, што ќе резултира со тоа милијарда луѓе да го добијат предвидениот режим од две дози, наведе „Бионтек“ во презентација објавена на 11 јануари.