Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп помилува 15 лица, меѓу кои и двајца републиканци вклучени во истрагата за руско мешање на изборите во 2016 година и поранешни владини службеници вклучени во скандал со приватната безбедносна компанија „Блеквотер“ во Ирак. Трамп најави помилување, што не е невообичаено за претседателот во заминување, иако тој сè уште одбива јавно да ја признае победата на демократот Џо Бајден, кој ќе положи заклетва на 20 јануари.
Москва – Русија прогласи за персона нон грата двајца вработени во Амбасадата на Колумбија, како одговор на протерувањето на двајца руски дипломати од Колумбија, соопшти денеска руското министерство за надворешни работи. Колумбискиот амбасадор во Москва, Алфонсо Педро Лазаро Лопез Кабаљеро, вчера беше повикан во Министерството, каде што му беше врачен протест поради неоснованата одлука за протерување на двајца руски дипломати од таа латиноамериканска земја, јави АП.
Париз – На француските и на граѓаните на ЕУ од вчера на полноќ повторно им е дозволено да влезат во Франција од Британија под услов да имаат негативен тест на ковид-19, не постар од 72 часа. Франција и неколку други земји ги затворија своите граници кон Британија во понеделникот поради страв од многу заразен нов вид коронавирус, предизвикувајќи хаос во патувањата и заглавувајќи многу француски граѓани во Британија, пренесе „Ројтерс“.
Кабул – Еден полицаец загина, а двајца се повредени во бомбашки напад во Кабул. Портпаролот на началникот на полицијата во Кабул, Фердавас Фарамарц, изјави дека вооружени напаѓачи го застрелале и го убиле Мохамад Јусуф Рашид, извршен директор на авганистанскиот невладин форум за слободни и фер избори (ФЕФА). Нападот се случил додека Рашид одел утрово во канцеларијата на ФЕФА во Кабул, а неговиот возач бил ранет и пренесен во болница, пренесе АП.