Рим – Во експлозија во фабрика за барут во јужна Италија загинаа тројца луѓе, пренесуваат италијанските медиуми. Агенцијата „Анса“ пренесува дека од градоначалникот на Казалбордино добиле информација за бројот на загинати, додавајќи дека пожарникарите помагаат на местото на експлозијата. Жител на Казалбордино, во провинцијата Кијета, за Раи њуз изјави дека на некои граѓани им било кажано да се евакуираат од домовите поради претпазливост. Причините за експлозијата се истражуваат.
Вашингтон – Министерството за финансии на САД, една од неколкуте владини агенции што биле цел на сајбер-напад за кој се обвинува Русија, претрпе сериозно нарушување „чија целосна длабочина не е позната“, изјави сенаторот Рон Вајден, најстариот демократ во Комитетот за финансии на Сенатот, откако беше информиран за хакирањето од страна на Министерството за финансии. Вајден рече дека десетици сметки за е-пошта во Министерството за финансии се компромитирани, вклучувајќи и во канцеларијата на највисоките функционери.
Брисел – Европската Унија ќе се обиде да ги усогласи мерките воведени од земјите-членки за да спречат пристигнувања од Британија по откривањето нов вид на коронавирусот, кој „излегол од контрола“, соопштија европски дипломатски извори. Завчера во Брисел беше свикан итен состанок на европскиот механизам за одговор на кризата за да се разгледаат различни опции за повторно отворање на границите со Британија на координиран начин и со истите мерки, пренесе АП.
Вашингтон – Американскиот Конгрес усвои закон за економска помош вреден речиси 900 милијарди долари, со кој ќе им се помогне поединечно на државјаните на САД, но и на приватните компании што се погодени од пандемијата на коронавирусот. Новиот пакет за помош привремено ќе ги зголеми бенефициите за невработеност и ќе им обезбеди на многу работници еднократна помош од 600 американски долари пред крајот на годината. Исто така, околу 275 милијарди долари ќе бидат издвоени за покривање заеми на мали бизниси, како што се ресторани.