Москва вчера забрани прелети на беспилотни летала над градот по тврдењата дека спречила украински обид за атентат на рускиот претседател Владимир Путин откако два украински дрона ја нападнале претседателската резиденција во Кремљ во вторникот вечерта.
– Овие акции ги сметаме за планиран терористички чин и обид за загрозување на животот на претседателот, извршени во пресрет на Денот на победата, парадата на 9 мај, на која е планирано присуство и на странски гости. Руската страна го задржува правото да преземе одмазднички мерки каде и кога смета дека е потребно – се вели во соопштението.
Непосредно пред објавувањето на соопштението на Кремљ, градските власти во Москва издадоа забрана на употреба на дронови во главниот град. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека летовите со беспилотни летала ќе бидат забранети во сите случаи во кои не е издадена посебна дозвола од властите.
– Забраната има за цел да спречи неовластени летови со беспилотни летала кои би можеле да ја попречат работата на органите на прогонот – истакна Собјанин.
Остатоците од соборените беспилотни летала кои биле неутрализирани од радарските борбени системи на руската армија, паднале во внатрешноста на Кремљ, но не повредиле никого, соопштија во средата од кабинетот на рускиот претседател, додавајќи дека Путин не бил во Кремљ во моментот на нападот.
Потпретседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев изјави дека по последниов напад не останува друга опција, освен физичката елиминација на Володимир Зеленски.
Подоцна се појавија и видео-снимки кои наводно го прикажуваат нападот со дронови на Кремљ и кои беа преземени и споделени од руските медиуми, но нивното потекло и автентичност не беа потврдени.
Високи украински претставници негираа вмешаност и сугерираа дека Русија бара изговор за дополнителни напади.
– Украина води исклучиво одбранбена војна и не напаѓа цели на територијата на Руската Федерација. Како што знаете, дронови може да се купат во која било воена продавница – изјави претседателскиот помошник Михаило Подољак.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли тврдењата дека неговата земја ги нападнала Москва или Путин, велејќи дека ќе остави за тоа да одлучи трибуналот за чие основање се залагаат.
Зеленски посочи дека Кремљ веројатно се обидува да им го одвлече вниманието на Русите од своите неуспеси на бојното поле.
– Ние се бориме на сопствена територија, каде што ги браниме сопствените села и градови. Немаме доволно оружје за вакво нешто – рече тој.
И од САД рекоа дека не можат да го потврдат тврдењето на Москва, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека ги видел извештаите, но дека не може да ја потврди нивната автентичност.
– Не би земал ништо што ќе излезе од Кремљ здраво за готов. Ќе видиме кои се фактите – рече Блинкен.