Фото: ЕПА

Русија го постави запирањето на проширувањето на НАТО кон исток како услов за ставање крај на војната во Украина, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесе ДПА.

Заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, денеска изјави дека ова барање е тест за сериозноста на САД во намерата да ги подобрат односите со Русија.

– Потребни се конкретни чекори од американска страна за отстранување на причините за фундаменталните противречности во сферата на безбедноста – рече Рјабков, кој е надлежен за стратешкото вооружување.

– Проширувањето на НАТО е на врвот на листата на овие причини. Без решавање на овој фундаментален проблем, едноставно е невозможно да се реши сегашниот конфликт во евроатлантскиот регион – додаде тој.
Рјабков нагласи дека САД мора да ги почитуваат основните интереси на Русија. Руското раководство често го споменува проширувањето на НАТО и потенцијалното членство на Украина како причина за воената агресија – забележува ДПА.

Тој се повика на меморандум од декември 2021 година, два месеца пред почетокот на војната во Украина, во кој Москва бараше запирање на проширувањето на НАТО и повлекување на силите на Алијансата од земјите што се приклучиле по 1997 година. Ова барање останува во сила, потврди Рјабков. Повлекувањето на околу 10.000 американски војници од Источна Европа би придонело за безбедноста на целиот континент, додаде тој. НАТО го отфрли овој ултиматум.

По почетокот на војната, Финска и Шведска се приклучија на Алијансата, а дополнителни војници беа испратени за да се гарантира безбедноста на балтичките земји. Рјабков соопшти дека наскоро ќе се одржи трета средба меѓу Русија и САД за нормализирање на работата на нивните амбасади.