Кремљ ќе ја промени својата доктрина за употреба на нуклеарно оружје поради, како што смета, западната ескалација во војната во Украина. Ова во јавноста го изјави заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков за руските медиуми. Постојната руска нуклеарна доктрина, од 2020 година, вели дека „Русија може да користи нуклеарно оружје во случај на нуклеарен напад од непријател или конвенционален напад што го загрозува опстанокот на државата“. Токму овој дел од доктрината ќе претрпи промени
Најава за спуштање на прагот на осетливост и реакција со употреба на неконвенционално оружје
Деновиве се појавија повеќе изјави во јавноста во Русија во кои „руски воени аналитичари го повикаа Путин да го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје за да ги отрезни руските непријатели на Запад“. Руските аналитичари се повикаа на изјавата на својот претседател, кој во јуни годинава во официјална изјава во врска со руската доктрина за употреба на нуклеарно оружје потврди дека нуклеарната доктрина е „жив инструмент“ што може да се промени во зависност од светските настани.
Изјавата на Рјабков сега е прифатена во јавноста како „јасен показател дека досега навистина ќе има промени во руската доктрина за употреба на нуклеарно оружје“.
– Работата е во напредна фаза и постои јасна намера да се измени доктрината – рече Рјабков, цитиран од државната новинска агенција „Тас“.
Тој додаде дека одлуката е „поврзана со ескалацискиот курс на нашите западни противници“ во врска со војната во Украина. Оваа изјава и становиште го пренесоа и западните медиуми.
Сѐ уште не е прецизирано кога ќе биде завршена новата или „ажурираната нуклеарна доктрина“ на Русија
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, не кажа кога ќе биде завршена ажурираната нуклеарна доктрина.
– Рокот за завршување на оваа работа е доста тешко прашање, имајќи предвид дека станува збор за најважните аспекти за обезбедување на нашата национална безбедност – рече тој.
Русија има повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја. Рускиот претседател Владимир Путин во март изјави дека Москва е подготвена за можна нуклеарна војна „од воено-техничка гледна точка“. Тој, сепак, додаде дека „нема брзање за нуклеарен конфликт“ и дека „Русија никогаш не се соочила со потребата да користи нуклеарно оружје во Украина“.
Москва го обвинува Западот дека „Украина се користи како фронт за Западот да води војна против неа, со цел да ѝ нанесе ’стратегиски пораз‘ на Русија и да ја разбие“. Од друга страна САД и западните сојузници го негираат ова и велат дека тие „ѝ помагаат на Украина да се одбрани од агресивна, колонизирачка војна“…
За потсетување, Русија во јуни изврши воена вежба на распоредување тактичко нуклеарно оружје и истрелување. Извршена е по должината на границата со Украина и вклучуваше пренос на „маневарски (не вистински) нуклеарни боеви глави“ до складишта и аеродроми, каде што беа натоварени на бомбардери. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервјуто објавено изминатиот викенд рече дека Западот „претерува“ и дека Русија „ќе направи сѐ за да ги заштити своите интереси“. Р.С.