Кремљ соопшти дека наводно протечените документи покажуваат вмешаност на Вашингтон во војната против Украина, по медиумскиот извештај кој се однесува на наводно протекување доверливи документи, пренесе ДПА.
– Немаме ни најмал сомнеж за директното или индиректното учество на САД и НАТО во конфликтот меѓу Русија и Украина – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за американската телевизија Си-Ен-Ен.
Тој ова го изјави во однос на извештајот во Њујорк тајмс за документите наводно за плановите на САД и НАТО да и помогнат на украинската војска пред планираната офанзива против руските сили.
Сепак, не е јасно дали документите наведени во извештајот се вистинити, при што Киев ги отфрли како лажни.
Песков рече дека учеството на САД и НАТО во конфликтот расте.
– Го следиме процесот. Да, и се разбира дека тоа комплицира сè, но не може да има никакво влијание врз конечниот исход на специјалната операција – рече тој, користејќи ја терминологијата на Кремљ за руската инвазија.
Ваквите документи ќе го поддржат тврдењето на Москва дека САД намерно поттикнуваат раздор меѓу Москва и Киев со цел да ескалира конфликтот и со тоа да ја ослабне Русија и да ја дестабилизира Европа, пишува ДПА.
Но, Киев претходно соопшти дека документите се руска дезинформација, создадена од разузнавачките служби на Кремљ за да се наруши очекуваната украинска контраофанзива.