Фото: ЕПА

Нови моменти на релацијата САД – Русија

Москва исклучува какви било преговори со Вашингтон за прашањата за контрола на оружјето поради деструктивната позиција на САД, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Рјабков, а пренесуваат руските медиуми.
– Сега немаме и нема да можеме да формираме основа за да започнеме преговори, туку само прелиминарен дијалог во оваа област. Причината е деструктивната насока на Вашингтон – нагласи рускиот дипломат.

Рјабков објасни дека е невозможно да се води дијалог за контрола на оружјето со земја што официјално ја објави својата намера да ѝ нанесе стратегиски пораз на Русија и секојдневно бара начини да ѝ наштети.
– Тоа е само оксиморон. Не можеме да ги затвориме очите и во исто време, како ништо да не се случило, да зборуваме за ограничување на клучната алка во осигурувањето на нашата безбедност – истакна дипломатот.

Тој, исто така, посочи на претстојното истекување на Договорот за намалување и ограничување на стратегиското офанзивно оружје (СТАРТ). Иако договорот е суспендиран, руската страна ги почитува своите централни квантитативни ограничувања за боеви глави.

Размислувања и ставови на официјална Москва за продолжување на
дијалогот

На 21 февруари 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин објави дека Москва го суспендира учеството во Договорот СТАРТ, но не се повлекува од него. Руската страна, пред да се врати на дијалогот за договорот, сака да добие гаранции дека новиот договор СТАРТ ќе ги земе предвид арсеналите, не само на САД туку и на другите нуклеарни сили на НАТО – Велика Британија и Франција.
СТАРТ-3 – Договор за намалување на стратегиското офанзивно оружје, го ограничи бројот на интерконтинентални балистички и некои други ракети и нуклеарни боеви глави за Русија и САД.

Новиот договор СТАРТ, потпишан во 2010 година од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев, ја ограничува секоја земја на максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени проектили и бомбардери. Договорот предвидува опсежни инспекции на самото место за да се потврди усогласеноста. Р.С.