Најмалку 19 деца и двајца возрасни загинаа во нападот на основно училиште во Тексас, најсмртоносниот во речиси една деценија. Напаѓачот, 18-годишниот Салвадор Роландо Рамос, бил убиен од полицијата. Меѓу загинатите, како што изјави гувернерот Грег Абот, е и еден учител. Семејствата ги идентификуваат убиените деца. Многу од ранетите биле итно префрлени во Меморијалната болница Увалде.
Напаѓачот Рамос, кој работел како ноќен менаџер во Венди, мала заедница во градот Увалде, како што пишуваат медиумите, облечен во панцир, влегол во основното училиште „Роб“ со пиштол и полуавтоматска пушка и отворил оган врз децата. Неговиот мотив засега не е познат. Бил жител на заедницата на околу 135 километри западно од Сан Антонио. Од полицијата изјавуваат дека дејствувал сам. Нападот започнал околу 11:30 часот, а жител кој слушнал пукотници повикал полиција. Двајца локални полицајци го пресретнале напаѓачот, но и двајцата биле погодени.
Застрелан 18-годишник откако убил 19 деца и двајца возрасни во основно училиште во Тексас
Пред да се упати кон училиштето, Рамос пукал во својата баба, изјави сенаторот од Тексас, Роланд Гутиерес. Според надлежните, таа преживеала, но не е позната нејзината состојба.
Њујорк тајмс разговарал со неговите колеги на работа и тие рекле дека никој навистина не го познава.
Рамос на социјалните мрежи навестил дека може да дојде до напад, според сенаторот Гутиерез, кој вели дека за тоа бил информиран од државната полиција. Тој истакна дека напаѓачот „предложил децата да внимаваат“ и дека купил две парчиња оружје штом наполнил 18 години.
Нападот се случил додека основното училиште „Роб“ ги одбројува последните денови од учебната година, а вторник требало да биде ден кога учениците носат убава облека и чевли. Училиштето има близу 600 ученици во второ, трето и четврто одделение. Огромното мнозинство од нив се Латиноамериканци.
Неколку часа по масакрот во основното училиште во Тексас, почнаа да пристигнуваат информации за жртвите. Медиумите јавуваат дека се идентификувани првите жртви.
Узија Гарсија е осумгодишно дете убиено во нападот, потврдило неговото семејство.
-Најслаткото момче што некогаш сум го познавал – вели неговиот дедо Мани Ренфро за Асошиетед прес.
Мајката била на училиште непосредно пред масакрот.
Друга идентификувана жртва е 10-годишниот Ксавиер Хавиер Лопез.
-Тој беше само 10-годишно момче, кое уживаше во животот, без да знае што ќе се случи денес. Постојано се шегуваше, сакаше да танцува со браќата, со мајка си. Ова е многу тешко за сите нас – изјавил роднината на убиениот Ксавиер.
Неговиот братучед за „АБЦ њуз“ открил дека момчето и мајка му биле на училиште само неколку часа пред нападот на доделувањето на наградите. Мајка му тогаш го видела последен пат.
Убиена е и десетгодишната Амери Џо Гарза.
-Амери Џо наполни 10 години пред две недели. Ви благодарам на сите за молитвите. Мојата мала љубов сега лета високо со ангелите. Никогаш не земајте ништо здраво за готово. Особено времето што го поминувате со вашите семејства. Прегрнете го вашето семејство. Кажете им дека ги сакате. Те сакам, Амери Џо – изјавил татко ѝ Ангел Гарза за Еј-би-си њуз.
Нападот се случи само 10 дена по смртоносното, расистичко дивеење во супермаркет во Бафало, Њујорк, потенцирајќи го проблемот со честите масовни убиства во цркви, училишта и продавници.