Фото: Принтскрин

Свештеникот Моџтаба Хамнеи е именуван за нов врховен лидер на Иран, наследувајќи го својот татко Али Хамнеи, кој загина во еден од првите напади за време на неодамнешниот конфликт со САД и Израел. Одлуката ја донесе Собранието на експерти на Иран, тело составено од 88 свештеници кое е надлежно за избор на врховниот лидер, пренесе „Ројтерс“.

Во соопштението објавено по полноќ по локално време во Техеран, се наведува дека со убедливо мнозинство гласови Моџтаба Хамнеи е избран за трет врховен лидер на Исламската Република. Со оваа функција тој ќе има последен збор во клучните државни и политички прашања во земјата.

Моџтаба Хамнеи важеше за фаворит во пресрет на гласањето, бидејќи се смета дека има силно влијание во иранските безбедносни структури и во економските мрежи поврзани со системот на власт.

Неговото именување може дополнително да ги заостри односите со САД. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Вашингтон треба да има збор во изборот на новиот лидер на Иран и предупреди дека без американско одобрување новото раководство „нема долго да трае“, пишува „Ројтерс“.

Во меѓувреме, Израел пред изборот се закани дека ќе нападне секој кој ќе биде поставен на позицијата врховен лидер. По објавувањето на одлуката, Трамп во интервју за „Еј-би-си њуз“ изјави дека останува да се види како ќе се развива ситуацијата, додавајќи дека завршувањето на војната ќе биде заедничка одлука со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во меѓувреме, САД продолжуваат со намалување на дипломатскиот персонал во регионот. Амбасадата на САД во Саудиска Арабија доби наредба за евакуација на вработените кои не се од суштинско значење, поради растечките безбедносни ризици.

Американската војска соопшти и дека уште еден американски војник починал од повредите здобиени за време на иранскиот контранапад, со што бројот на загинати Американци во конфликтот се искачи на седум.