Фото: ЕПА

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека на самитот на Г20 во Њу Делхи е усвоена декларација за консензус за прашањата со кои се соочува организацијата, вклучително и војната во Украина.

Претходно имаше несогласувања околу формулацијата на војната во Украина. Западните земји кои се за силна осуда на Русија се согласија со формулацијата, но Русија го блокираше компромисот што беше „инаку прифатлив за сите други“, изјави дипломат на ЕУ за „Ројтерс“.

Во согласност со Повелбата на Обединетите нации, државите мора да се воздржат од употреба на сила за окупација на територии, наведоа земјите од Г20 во заедничката декларација на самитот во Њу Делхи.

Во текстот на Декларацијата е нагласено дека сите земји мора да се воздржат од употреба на сила против територијалниот интегритет и суверенитет или политичка независност на која било држава“, се вели во соопштението, што го пренесе „Ројтерс“.

Во текстот на декларацијата директно не се споменува нападот на Русија врз Украина и тековната војна.

Во декларацијата се повикува и на спроведување на црноморската иницијатива за безбеден проток на жито, храна и ѓубрива од Украина и Русија.

Моди не објасни до каква формулација стигнале лидерите. Формулацијата може да биде слична на декларацијата објавена на самитот во Индонезија во 2022 година, во која беше наведено дека иако повеќето нации ја осудуваат Русија за инвазијата, има различни ставови, наведува „Ројтерс“.