Фото: Пиксабеј

Мнозинство германски граѓани се незадоволни од работењето на конзервативната влада на канцеларот Фридрих Мерц, која наскоро ќе наврши 100 дена откако е избрана, објави ДПА, повикувајќи се на резултати од анкетата на Институтот за проучување на јавното мислење ИНСА за неделното издание на „Билд“.

Според резултатите 60 отсто од анкетираните се незадоволни од работењето на коалицијата од три партии, додека само 27 отсто изразиле задоволство. Други 13 отсто одбиле да дадат коментар.

Со анкетата, спроведена на 7 и 8 август, биле опфатени 1.004 лица.

На почетокот на јуни, околу еден месец откако коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите (СПД) ја презеде власта, 37 отсто од тогаш анкетираните биле задоволни од работењето на Владата, а незадоволни биле 44 отсто.