Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
– Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори – напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
– Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната – додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Само неколку минути откако Доналд Трамп го критикуваше украинското раководство, висок украински функционер рече дека тие „ги ценат американските партнери“. Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, е еден од претставниците на Украина во Женева за денешните разговори.
– Нашите тековни предлози, иако сè уште не се финализирани, вклучуваат многу од приоритетите на Украина. Цениме што нашите американски партнери тесно соработуваат со нас за да ги разберат нашите загрижености и да го достигнат овој критичен момент, и очекуваме да постигнеме поголем напредок денеска – напиша Умеров на социјалните медиуми.


































