Фото: ЕПА

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Украина нема да може да стане членка на Европската Унија до почетокот на 2027 година.

Говорејќи на настан организиран од Политико, таа истакна дека е нереално да се очекува членство на Украина до 1 јануари 2027 година, нагласувајќи дека процесот на проширување не може да се врзе со фиксни рокови, пренесе „Анадолија“.

Кос посочи дека претседателот Володимир Зеленски инсистира на забрзување на процесот поради безбедносните предизвици, особено имајќи предвид дека во блиска иднина Украина нема изгледи за членство во НАТО.

Таа нагласи дека за успешна интеграција најпрво е потребен мир, а потоа и спроведување на суштински реформи. Според неа, инвеститорите ќе бидат подготвени да вложуваат во Украина само доколку постојат стабилни услови и сигурност за нивните инвестиции.

Кос оцени дека сегашната методологија за проширување е прилагодена за мирновременски услови и дека можеби ќе бидат потребни одредени измени за да се одговори на актуелните геополитички предизвици.

Таа информираше дека Европската комисија им претставила три опции на земјите-членки за реформирање на процесот, но потенцираше дека секој напредок зависи од нивната согласност.

Како најреална насока, Кос ја издвои „засилената постепена интеграција“, која би им овозможила на земјите-кандидатки постепено да се вклучуваат во одредени политики на Унијата и да користат дел од придобивките уште пред полноправното членство.

Во однос на Исланд, таа оцени дека неговиот пат кон членство би можел да се одвива многу брзо доколку земјата одлучи да ги обнови пристапните преговори, со оглед на високото ниво на интеграција преку Европската економска зона и Шенген.