Фото: Пиксабеј

Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 денеска започнаа дводневен состанок во Париз, Франција, во услови на зголемени геополитички тензии.

Средбата се одржува во поранешна опатија во Сернеј-ла-Вил, каде се очекува дискусиите првично да бидат фокусирани на реформите во мировните мисии и унапредувањето на хуманитарната помош.

На агендата се и прашања поврзани со обновата на оштетената заштитна структура на нуклеарната централа Чернобил, како и мерки за справување со трговијата со дрога во Сирија.

За утрешниот ден е најавено присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио, при што министрите ќе се осврнат и на актуелните конфликти во Иран и Украина.

Ова е првиот формален состанок под француското претседателство во 2026 година, а домаќинот очекува конкретни чекори за справување со клучните глобални предизвици.

Покрај земјите членки – Франција, Италија, Јапонија, Канада, Германија, САД и Велика Британија – на дел од разговорите се поканети и претставници од Бразил, Јужна Кореја, Индија и Саудиска Арабија.