Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека не жали за курсот што нејзината влада го зазеде за својата енергетска политика и Русија за време на нејзиниот мандат, што според критичарите ја остави најголемата европска економија премногу зависна од рускиот гас.
Германија и другите европски земји се обидуваат да ја прекинат зависноста од руската нафта и гас, откако рускиот претседател Владимир Путин испрати војници во Украина под т.н. специјална воена операција.
Минатата година, 55 отсто од увозот на гас на Германија дојде од Русија, делумно поради настојувањето на Меркел да ги одржи трговските врски со Русија и да го поддржи контроверзниот гасовод Северен тек 2, дури и откако Москва го анектираше Крим во 2014 година.
– Секогаш делувате во времето во кое сте, им рече таа на новинарите во Лисабон на прашањето за пристапот на нејзината влада кон Русија.
Меркел, која минатата година се повлече од политиката по 16 години како канцелар, рече дека воопшто не жали за своите одлуки, туку дека сметала дека тие биле вистинските во тоа време.
– Евтиниот руски гас и овозможи на Германија да продолжи да се оддалечува од нуклеарната енергија и јагленот – рече Меркел.
Меѓутоа, Германија сега ги става тие планови во мирување додека се обидува да ги замени прекинатите испораки на гас од Русија.
Инфлацијата во Германија, главно поттикната од наглиот пораст на цените на енергијата, изнесува 10,9 отсто, а владата се обврза да потроши милијарди евра за да им помогне на домаќинствата и бизнисите да ги платат зголемените сметки за енергија.
Пуштањето на гасоводот Северен тек 2, наменет за двојно зголемување на увозот на гас од Русија во Германија преку Балтичкото Море, беше откажано во деновите пред инвазијата.
– Оваа брутална инвазија на Русија сега донесе промена. Ова е пресвртница – рече Меркел за енергетската политика на Германија.
Според неа, ова е задача со која мора да се справи новата германска влада, предводена од социјалдемократот Олаф Шолц.