Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази скептицизам во однос на некои детали од американскиот предлог за запирање на војната во Украина на почетокот на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон во Лондон.
– Скептичен сум во однос на некои детали што ги гледаме во американските документи, но мора да ги разгледаме заедно. Токму затоа сме тука денеска, изјави Мерц, без да прецизира за кои документи станува збор. – Овој момент може да биде решавачки за сите нас – додаде тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, забележа дека „главниот проблем пред финализирањето на преговорите за Украина е усогласувањето на нашите заеднички позиции, меѓу Европејците и Украинците, и САД“.
На отворањето на средбата во Лондон со Зеленски, Макрон истакна дека „Европејците и Украинците имаат многу адути во рацете, како што се финансиската помош за Украина, отпорот на украинската армија против руските сили и ефектот од европските и американските санкции врз руската економија“.

































